Haris Badzic
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
ВИСОКО (АА) - Камионот со посмртните останки на 35 жртви од геноцидот во Сребреница тргна кон Поточари, каде што на 11 јули жртвите од геноцидот во Сребреница ќе бидат испратени до вечното почивалиште, јавува Anandolu Agency (AA).
Ханифа Шеховиќ дојде да ги испрати жртвите од геноцидот, и тоа го прави секоја година, иако членовите на нејзиното семејство ги погребала.
„Секоја година го посетувам местово, тешко ми паѓа. Немам никого овде денес, но сите се наши, сите се наши браќа и сестри. Своето семејство го погребав. Татко ми не беше погребан цел, но, што да правам“, рече Шеховиќ.
Менсура Алиќ, исто така, дојде за да ги испрати жртвите од геноцидот во Сребреница.
„Четворица погребав претходно, свекорот, деверот и неговиот син, сопругот и други членови од семејството. Мислам дека телото на синот од деверот не беше целосно, но останатите беа. Денес сум тука поради овие шехиди и поради моето дете кое загина“, рече Алиќ.

Мунира Субашиќ, претседателката на Здружението „Движење на мајките на енклавите Сребреница и Жепа“ рече дека денес на погребот се испраќаат четири малолетни момчиња и брачен пар.
„Денес и небото плаче. Денес испраќаме четири малолетни момчиња и брачен пар. Каков монструм треба да бидете за да убиете жена со дете во својата утроба. Ние говориме дека не се убивани само воено способни, туку и деца, жени, стари лица. Голем број од нашите најмили се идентификувани. Можеше да биде погреб за 175 лица, но мајките не сакаат да прифатат да погребаат две коски. Јас прифатив да погребам само две коски, да бидам пример за другите“, рече Субашиќ.
Камионот со посмртните остатоци на жртвите од геноцидот во Сребреница потоа од Сараево ќе продолжи кон Поточари.
Во среда 11 јули во Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани уште 35 жртви, со што вкупниот број погребани во Поточари ќе биде 6.609.