ЖИВИНЦЕ (АА) - Мирза Башиќ имаше само 15 години кога во 1995 година преку шумата тргна од Сребреница кон слободната територија. Тргнал со татко си Адем и братот Мидхат, кој не преживеал. Мидхат имал само 22 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Мирза Башиќ на „патот кон спасот”, поточно во шумите околу Сребреница минал 28 дена. На 7 август пристигнал во Кладња. Преживеал неколку заседи, првпат видел и спиел меѓу човечки лешеви, но и првпат, наместо молив, во раце држел оружје кое не знаел да го употреби. Повратил кога за првпат во својот живот видел ранет човек. За време од еден месец јаделе воглавно овошје, кое не било доволно созреано.
Неговото детство исчезна на 11. јули. Веќе на 10 истиот месец, мажите и мал број жени почнале да се собираат во Шушњари, недалеку од Поточари, од каде на11. јули тргна колона од неколку илјади луѓе преку шумата до слободната територија. Меѓу нив се наоѓаше и Мирза со својот татко и брат. Мирза имаше само 15 години.
„Иако имав само 15 години, се издвојував според својата висина од останатите врсници, ми беше страв да тргнам за Поточари. Првенствено тргнав со мајка ми и сестра ми, а со татко ми и брат ми се разделивме кај Милачевиќи, село кое е на половина пат меѓу Поточари и Шушњари. Меѓутоа, кога се сретнавме со групата која тргна кон Шушњари, на мојата мајка и зборуваа зошто ме повела, бидејќи не сум толку малечок”, се присеќа Мирза за паниката која во тие моменти ја преживувал и за тоа дека и рекол на мајка си дека ќе тргне да ги најде своите татко и брат.
Тогаш се разделил од нив и во Шушњари ги пронаоѓа својот татко и брат. Во колоната која тргна од Шушњари на „пат кон спасот”, за многумина и „пат кон смртта”, се наоѓале илјадници мажи, момчиња, но и жени.
„Се одеше два метри, па се застануваше. Воглавно, ние кои бевме без оружје, останувавме на крајот од колоната. Цела ноќ патувавме од едно село до друго, значи од Шушњари до Јаглиќ, до линијата на разграничување”, раскажа Мирза за АА.
Патеката по којашто оделе била многу тесна и по неа можело да мине само едно лице. Таквото патување го забавувало движењето на долгата колона Сребреничани. Се околу таа патека било минирано. Тука започнале пукотници и гранатирања, кои со мали паузи, траеле речиси во текот на целото негово патување.
„Цело време додека пешачевме, пукаа по нас, во колоната. Во еден момент, додека бегавме во еден поток, граната падна недалеку од мене. Татко ми ме држеше за рака. Видов како се заринкува во ливадата низ која минувавме, но не експлодираше. Во тие моменти немаше време за размислување. Сè премногу бргу се случуваше, пукотници, криење, трчање, паѓање гранати... Пукотниците продолжуваа, продолжувавме да бегаме, да трчаме...” рече Мирза.
По тој настан, паднале во некој поток, од каде излекувањето траело речиси половина ден.
„Таму имаше многу ранети. По извлекувањето од потокот, ја имавме првата пауза. За време на паузата, формирана е колона за извлекување на ранетите. Тоа беше пред Каменички рид. Додека го гледав извлекувањето на ранетите, препознав голем број мои соседи, пријатели...” истакна Мирза.
Потоа повторно е формирана колона и направен е план за движење, како да се носат ранетите и како да им се помогне на оние кои немаа доволно сила.
„Таа колона и носењето на ранетите не траеше долго, бидејќи можеби после километар или два повторно започнаа пукотници. Тогаш веќе не се гледаше да се следи патеката, туку моравме да се засолниме некаде. Сè се одвиваше така додека не завладеа темница, кога пристигнавме на Каменички рид. Тука ништо не можеше да се види, освен кога светлечките куршуми ќе ја осветлеа околината”, се присети Мирза на деновите кога заборави што значи да се има детство и среќен дом.
Во колоната имаше и различни мислења околу патот по кој требаше да се движиме. Едни велеа дека треба да одиме во еден правец, додека други тврдеа дека тој пат води кон Кравица, поточно кон непријателските војници.
Мирза смета дека во колоната имало и вметнати луѓе кои и убивале, но и наведувале на погрешен пат и заседи.
Таткото на Мирза попат постојано им зборувал на своите двајца синови да бидат во негова близина и да не се одвојуваат.
„Повторно започна голема пукотница и гранатирање и сите почнаа да бегаат. Јас и брат ми скокнавме во една шумичка. Татко ми остана зад нас. Тоа беа само неколку метри. Кога влеговме во шумичката, се лизнавме... Брат ми ми рече да молчам за да не ја откријам нашата локација. Тука се одделивме од нашиот татко. Брат ми и јас во шумичката минавме цела ноќ. Ноќта како да траеше цела вечност. Со нас беа уште двајца-тројца луѓе. Не се придвижувавме. Тогаш настана хаос. Четниците влегоа во колоната, бидејќи ги чувме егзекуциите. Чувме како зборуваат да се предадат, па кога ќе наидат на двајца-тројца, бараа да им се претстават, а потоа дека не им веруваат. Бараа да ги соблечат гаќите, да видат дали се обрежани, и потоа само слушавме рафали...” се присеќа Мирза на јули 1995.
- Подобро ќе беше да ме нема -
Бил во голем страв и паника, се тресел... Го прашал брата си, кој во меѓувреме пронашол бомба, што ќе прават понатаму, на што тој му одговорил да молчи и да биде стрплив. Пред утрото ги чуле ранетите, кои по некое време биле замолчени со дополнителни истрели.
„Од тој страв, му реков на брат ми да ја активира бомбата и да нè убие двајцата. Не можев да ја поднесам неизвесноста да дојдат до нас. Не смеев ниту да се движам, за да не наидеме на некого кого не го познаваме, ниту знаевме во кој правец треба да се движиме. Подобро беше да ме нема. Се раѓаше утрото”, нагласи Мирза.
- Последен пат го виде братот Мидхат -
Двајцата станале и одлучиле да го напуштат местото каде што ја минале цела ноќ. Требале да се вратат на патот по кој претходно се движеле. Мирза ниту денес не може да се сети дали брат му му рекол да се движат побргу или тој забрзал непланирано од страв. Меѓутоа, Мирза станал, почнал да трча и не гледал наназад. Трчал сè до местото каде што имало многу ранци и лични работи. Во еден момент увидел дека зад него го нема неговиот брат.
„Така се разделивме ние двајцата. Дали не можеше да ме стигне, или самиот го смени правецот на движење... Јас не застанав, продолжив да трчам. Одеднаш бев сам”, се присеќа Мирза на денот кога за последен пат го видел својот брат Мидхат.
По патот наишол на мртов брачен пар. Мажот во раката имал пушка која Мирза ја понел со себе. По некое време се сретнал со еден човек, кој на себе имал само поткошула и долна облека.
„Беше изгребан. Ја навлече поткошулата преку колена и седеше. Не сакаше да тргне со мене бидејќи веќе го имаше фатено некое лудило”, појасни Мирза.
Дури по оваа средба малку подзастанал и седнал. Во џебот имал малку запакувана цедевита во фолија, која му ја дала мајка му пред да тргне во шума. Тоа го изел...
- Пушка која не знаел да ја употреби -
„Ја погледнав таа пушка, но не знаев ништо за оружје. Меѓутоа, се чувствував некако посигурно со пушката покрај мене, иако не знаев да ја употребам. Продолжив сам. Се движев по една ливада и одеднаш од папратите се прикажа една ловечка пушка. Викна: Рацете во вис. Ја фрлив пушката и се предадов. Беа двајца луѓе, еден во наша униформа, додека другиот беше цивил”, раскажува Мирза.
Виделе дека станува збор за дете. Сфатиле дека се на иста страна. Едниот бил од Кутузер, додека другиот од Јаглиќ, села од околината на Сребреница. Во текот на денот се сретнале со уште неколку групи на луѓе кои се изгубиле во шумата и не знаеле во кој правец да се движат. На тој начин формирале група од четириесеттина лица.
Се движеле, но не се одвојувале премногу од правецот. Во еден момент Мухизин Омеровиќ, кој по шумите минал повеќе од 60 дена, одлучува да се искачи на некое возвишение, за да дознае каде се наоѓаат. Тогаш тој почна да ја води групата, тврдејќи дека може да ги извлече до слободната територија. Така и беше. Омеровиќ за време на патувањето на „патот кон спасот”, на 15-годишното момче му кажал една реченица која му влеала надеж и која никогаш нема да ја заборави: „Доаѓаш со мене и што и да ми се случи мене, ќе ти се случи и тебе”.
- Голем број беспомошни луѓе сами си го одземаа животот -
Мирза се присети и на некои од најтешките моменти кои ги доживеал за време на скоро еден месец минат во шумите во близина на Сребреница. Еден од нив е секако средбата со 17-годишникот кој стапнал на мини и останал без стапало.
„Крвареше, му беше стегната ногата под стопалото. Беше сам. Тоа беше тежок призор. Плачеше и молеше да го земеме со нас. Ни рече дека бил во група во која бил и неговиот вујко и го оставиле, бидејќи заминале да донесат помош. Нè молеше да ги најдеме тие луѓе да се вратат и да го земат. Тргнавме да ги бараме за да го земат момчето, а би помогнале и ние. Меѓутоа, кога Мухизин дојде до тие луѓе, бегаа и не дозволија да им пријдеме“, се присеќа Мирза.
Повторно се вратиле до него, но тоа не можеле да му го кажат. Зборуваше дека има бомба и дека ќе се убие доколку и ние го оставиме. Уверувајќи го да ги почека тука, тие заминаа да побараат некого кој ќе им помогне да го пренесат, но откако се оддалечиле, чуле детонација од правецот каде го оставиле момчето.
„По два дена, кога не успеавме да го прејдеме асфалтот во Снагов, се вративме и видовме дека се самоубил. Имавме ситуација кога спиевме меѓу човечки лешеви“, раскажуваше Мирза, кој и денеска е потресен кога ќе се сети на голготата која ја минал во '95.
За време на една пауза при пешачењето кај една група на која наишле на патот, слушнал дека татко му е жив и дека го бара. Го довеле до селото каде што го чекал татко му, кој е вратил да ги најде синовите.
„Дојдовме до селото и го видов татко ми како излегува од една куќа. Го видов по 21 ден. Не можеше да поверува дека прво мене ме пронашол, мислел дека прво ќе го пронајде мојот постар брат. Преминал во Баљковиќи и меѓу првите преминал на слободната територија, но кога увидел дека е сам, си рекол себеси дека мора да се врати и да нè пронајде, бидејќи не може пред сопругата без своите деца“, се присеќаше Мирза, кому солзите и сега му надоаѓаа кога ќе се сети на тој потресен момент.
„Тие неколку дена, колку што останавме во селото до повторниот обид да преминеме во Баљковиќи, размислував што прават моите врсници во светот, во некои други градови. Дали знаат за нас? Дали знаат за мене? Дека постои некое момче кое бега од убијци, момче кое се крие, момче кое како да е во хорор филм“, зборуваше Мирза.
Мирза сега е образован човек кој оформил сопствено семејсто. Завршил факултет, живее в Живница и има сопствен бизнис.
Досега никогаш не говорел за она што го преживеал тој јули, 1995 година. Тешко му е да се присеќа на деновите кога не бил свесен колку е силен и колку може да издржи. И денеска ги бара посмртните останки на својот брат Мидхат.
news_share_descriptionsubscription_contact
