Admir Fazlagic
11 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Група граѓани денес напладне се собраа пред Мурат пашината џамија во Старата скопска чаршија, од каде што го започнаа Маршот на мирот за Сребреница, со цел да се присетат на невино настраданите жртви од геноцидот во Сребреница, кој се случи пред 22 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Поворката што ја предводеа млади луѓе, од Старата чаршија тргна кон центарот на градот, од каде што ги упатија своите пораки на сочувство со семејствата на жртвите од геноцидот во Сребреница, како и со сите Бошњаци, но и сите луѓе со добра волја.
Претседателот на Бошњачката културна заедница во Република Македонија, Џемил Бектовиќ, им се заблагодари на сите учесници на денешнот марш за Сребреница, истакнуваќи дека геноцидот во Сребреница е болка што се случи точно пред 22 години, кога е извршен најголемиот геноцид во историјата на Европа и модерното човештво, кога беа убиени над осум илјади мажи, жени и деца.
„Ова е нашата наголема болка, геноцидот никогаш не треба да се заборави. Таков геноцид никогаш, никому да не му се повтори. Она што нас ни се случи не сакаме никому да му се случи. Сакаме да извлечат поука и другите народи, кои со нас доживуваат еден вид катарза, разбирајќи ја нашата болка, а особено оние што направиле злосторство, оние што директно учествувале, да доживеат катарза, да го признаат геноцидот и да живеат ослободени од товарот на злосторничкото здружување и дејствување против Бошњаците“, рече Бектовиќ, додавајќи дека на денешното одбележување се присутни и припадници од другите етнички заедници во Република Македонија.
Емир Хасановиќ од Скопје, кој беше еден од учесниците на Маршот за Сребеница, во своето обраќање до медиумите рече дека Бошњаците денес им одаваат почест на жртвите од геноцидот во Сребреница и Подриње, но и на сите невино настрадани луѓе од Босна и Херцеговина.
„За сите нас, а особено за семејствата што ќе ги погребаат своите најмили, ова е болен момент и тежок ден. Седумдесетте табути кои денес ќе го најдат мирот меѓу илјадниците жртви од натешкиот злочин, геноцидот, за што се согласи целиот цивилизиран свет, остануваат опомена до судниот ден. Таа опомена од Сребреница укажува дека злото не може да се засити. Доколку јасно и изречно не му се застане на патот, се заканува да ги уништи сите вредности што човештвото претходно ги изградило“, рече Хасановиќ.
„Солзите и тагата на мајките од Сребреница ја чувствуваме и ние, и ја делиме со нив. Затоа сме денеска тука, уште еднаш да порачаме дека никогаш нема да ја заборавиме Сребреница – темната дамка на човештвото“, истакна Белма Ибровиќ, која ја прочита пораката во името на Бошњачката културна заедница во Македонија.
По пригодните говори, беше прочитана молитва за жртвите од геноцидот.
Инаку, делегација на Собранието на Република Македонија денес присуствува на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари во Сребреница, каде што ќе бидат погребани посмртни остатоци на 71 новоидентификувана жртва од геноцидот.
Собранието на Република Македонија на 4 февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, усвоена на 15 јануари 2009 година, и се обврза дека соодветно ќе го одбележи 11 јули.
Геноцидот над Бошњаците во Сребреница, во јули 1995 година го извршија војската и полицијата на Република Српска (РС), како и паравоените формации од РС и на Србија во „заштитените зони на Обединетите нации“.