Vesna Besic
10 Јули 2017•Ажурирај: 10 Јули 2017
ПОТОЧАРИ (АА) - Повеќе од 5.000 учесници на „Марш на мирот“ денес, во попладневните часови ќе пристигнат во комплексот на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, по тридневно пешачење по патеката подолга од 100 километри, по којашто во 1995 година пешачеа сребреничани, надевајќи се дека ќе преминат на слободната територија, јавува Anadolu Agency (AA).
Мажи, жени и деца од сите делови на светот, но и оние што го преживеаја „патот на смртта“ тоа лето '95, во претходните два дена ги изминаа двете етапи и синоќа пристигнаа во кампот Мравињци, од каде што утрово се упатија за Шушњар, село во близина на Сребреница од каде што во '95 тргна колоната сребреничани.
Мунир Хабибовиќ, еден од организаторите на „Маршот на мирот“, за АА изјави дека учесниците на маршот, изминатите два дена ги минале во најдобар ред.
„Сѐ е во ред, освен неколку помали интервенции поради плускавци и сончаница. Сите се придржуваат до кодексот на однесување“, рече Хабибовиќ.
Денеска, околу 17 часот се очекува учесниците на „Маршот на мирот“ да пристигнат во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари. Хабибовиќ потсети дека утрово на учесниците на „Маршот на мирот“ им се приклучил и премиерот на федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ.
Инаку, 13. „Марш на мирот Незук – Поточари 2017“ и оваа година, покрај комеморацијата и погребувањето на пронајдените остатоци од жртвите, е една од главните активности во рамките на одбележувањето на 22-годишнината од геноцидот над Бошањаците во Сребреница.
На патот од Незук до Поточари, учесниците на маршот минуваат по маршутата Незук – Баљковица – Парлог – Црни Врх – Снагово – Липље – Јошаница – Долна Каменица – Бакрачи – Глоди – Удрч – Церска – Калдрмица – Ѓугум – Мравињци – Бурнице – Камен Брдо – Равни Буљим – Јаглиќи –Шушњари – Будак – Поточари (Меморијален центар).
Во Меморијалниот центар „Поточари“, на 11. јули ќе се одржи погребна молитва и закоп на посмртните останки на 71 новоидентификувана жртва на геноцидот врз Бошњаците, кој во јули 1995 година го извршија војската и полицијата на РС, како и паравоените формации од РС и од Србија во заштитената зона на ОН.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, досега спокој најдоа 6.504 жртви, а се трага по уште 1.000.