СМИЉАН (АА) - Весна Бешиќ - На денешен ден во 1856 година, роден е научниот гениј Никола Тесла. Роден е во селото Смиљан, во близина на Госпиќ во Лика, но речиси цел живот работел во Соединетите Американски Држави (САД), каде што и ги оствари сите пронајдоци.
Овој пронаоѓач, електротехничар и физичар потекнува од православно семејство. Таткото Милутин бил православен свештеник, а неговата мајка Георгина, исто така, потекнува од свештенското семејство Мандиќ. Тој имал три сестри: Милка, Ангелина и Марица и еден брат, Дане. Кога имал седум години, семејството го напушта Смиљан и се сели во Госпиќ, а неговата родна куќа уште постои во ова село.
Меморијалниот центар „Никола Тесла“ во неговото родно место Смиљан во близина на Госпиќ, е отворен во 2006 година, всушност е родната куќа на Тесла, сопственик на 112 патенти и над 700 различни пронајдоци.
Во непосредна близина на куќата се наоѓа и истражувачка станица, мала лабораторија на Тесла од Колорадо Спрингс, како и мултимедијална сала во којашто се прикажува документарниот филм за Тесла.
Имавме можност да ги видиме и полињата по кои како дете трчал овој гениј, но и потокот во кој Тесла ги правел првите тестирања.
„Центарот постои од 2006 година. Отворен е по повод 150-годишнината од раѓањето на Никола Тесла. И пред отворањето на Центарот, тука беше родната куќа на Тесла, православната црква и тука имавме и штала“, изјави водичот на Центарот, Миле Чорак.
Како што пренесува тој, главниот дел на поставката е сместен во домот на Тесла. Сепак, направени се и нови објекти како испитната станица, реплика на лабораторијата на Тесла од Колорадо Спрингс. Поткровјето на куќата е посветено на пронајдоците. Тука се наоѓаат функционални реплики на пронајдоците, како што се ротирачкото магнетно поле, индукцискиот електромотор, трансформатори, турбини и прикази на разликите меѓу наизменичната и еднонасочната струја, односно Теслината и Едисоновата.
„Во долниот дел од куќата е сместен историски преглед на животот и делото на Никола Тесла, додека на таванот имаме некои од неговите пронајдоци“, истакна Чорак.
Пред да се направи Меморијалниот центар, во куќата биле искористени две простории каде што се наоѓале печката на дрва, кревет, колевка и други работи од времето на Тесла.
„Потоа, во 2006 година се донесе одлука за оваа мултимедијална поставка. Меморијалниот центар е многу важен кога станува збор за туризмот на ова подрачје, и сите имаат корист од него“, рече Чорак.
„Ние сме еден од главните носители на туризмот во Госпиќ и во околината. Минатата година имавме околу 41.000 посетители, што за ова место е многу. Се обидуваме да го зголемиме бројот на посетителите. Профилот на посетителите е од предучилишна возраст, сѐ до пензионери. Во петтиот и шестиот месец се организираат ученички излети со тоа што има различни здруженија на физичари и иноватори...“, појасни Чорак.
Тој нагласува дека станува збор за ученици од Хрватска, БиХ и од Словенија, но и од Германија, Италија...
„Во шестиот, седмиот и осмиот месец имаме буквално посети од целиот свет. Станува збор за мали групи или индивидуални посети“, рече Чорак за АА.
Оние што го посетуваат Центарот имаат општи информации за Никола Тесла, меѓутоа, кога ќе дојдат во Центарот и поблиску ќе се запознаат со неговиот лик и дело, не можат да веруваат дека сето тоа произлегло од еден човек.
„Тој израсна тука. Тука започна сѐ. На овој поток започна сѐ. Тесла правеше турбини, мелници. за себе Рече дека е првак во фаќање врани. Како дете тој експериментирал и им се восхитувал на птиците. Затоа скокал од шталата и тоа не завршило баш добро. Љубопитноста на момчето доведе до тоа што денес ние го користиме. Тесла беше хуманист, голем борец за мир. Тој рече: „Сѐ што направив, направив за да им помогнам на луѓето, за доброто на човештвото“, потсети Чорак.
Инаку, Тесла во куќата живеел седум години, по што семејството се преселило во Госпиќ, бидејќи таму таткото на Тесла добил служба како свештеник.
„Родителите останаа таму сѐ до смртта, а Тесла од Госпиќ отиде во Карловац, а потоа во Грац и на други места низ светот“, објаснува Чорак.
Тесла почина на 7 јануари 1943 година во Њујорк, во 86. година од животот.