Балкан

Путин: „Мило ми е што имаме нов правец во развојот на односите меѓу Русија и Србија“

Путин на почетокот на средбата со Вучиќ рече дека со српскиот претседател е во постојан контакт, дека скоро се виделе во Русија, и дека добро се сеќава на неговата последна посета на Србија

Bojana Stojanovic  | 17.01.2019 - Обновена : 17.01.2019
Путин: „Мило ми е што имаме нов правец во развојот на односите меѓу Русија и Србија“ Фото: Pool

Belgrad

БЕЛГРАД (АА) - Трговската размена меѓу Русија и Србија достигна речиси две милијарди долари. Многу е пријатно што односите меѓу двете земји стануваат сѐ повеќе диверзифицирани, и мило ми е што имаме нов правец во нивниот развој за што ќе зборуваме денеска, изјави рускиот претседател Владимир Путин на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).

Путин на почетокот на средбата со Вучиќ рече дека со српскиот претседател е во постојан контакт, дека скоро се виделе во Русија, и дека добро се сеќава на неговата последна посета на Србија.

Тој им се заблагодари на сите жители на Белград и Србија за срдечниот прием.

„Нашата трговска размена достигна речиси две милијарди долари и многу е пријатно што нашите односи стануваат се повеќе диверзифицирани“, рече Путин.

Како што додаде, двете земји сега имаат и нов правец во развојот на односите. „Денес ќе разговараме во врска со тоа“, истакна тој.

Рускиот претседател изрази задоволство што е во можност да ја посети пријателската и братска земја, и да говори за тоа што е направено досега и што може да се направи во иднина.

„Почитуван господине претседателе, во последните години направивте многу за развојот на односите меѓу двете земји, а јас ќе ја имам можноста да Ви ја врачам наградата за Вашиот придонес, за сето она што го сторивте“, рече Путин, мислејќи на орденот „Александар Невски“, кој подоцна ќе му го врачи на Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, од своја страна, нагласи дека е многу задоволен од воено-техничката соработка со Русија, заблагодарувајќи му на Путин за придонесот во тој правец.

„Денес Србија нема проблеми со долгови, сите свои обврски ги плаќа навреме и стана сигурен партнер на Русија“, рече Вучиќ.

Тој му се заблагодари на Путин и за сета поддршка што ја пружа во однос на независноста и зачувувањето на интегритетот на Србија.

„Ние секогаш можевме да сметаме на вашата поддршка, а вие секогаш можевте да сметате на нашата поддршка за Русија“, изјави Вучиќ, посакувајќи му добредојде на Путин во Србија.

Путин и Вучиќ пред состанокот во Палатата „Србија“ ја посетија изложбата на „Српско-руските врски“ за 50 документи на двата народа од Архивот на Србија во периодот од 1804 до 1918 година.

Следува состанок на двете делегации, размена на потпишани документи, а Путин на Вучиќ ќе му го врачи орденот „Александар Невски“. Потоа ќе имаат обраќање пред медиумите.

Во текот на денот планирана е посета на Храмот „Свети Сава“ во главниот град на Србија.

Откако слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, Путин, придружуван од претседателот Вучиќ положи венци на Гробиштата на ослободителите на Белград и на Споменикот на Црвеноармеецот.

Претседателот на Руската Федерација во главниот град на Србија престојува по четврти пат. За последен пат во Белград престојуваше во 2014 година, како почесен гостин на воената парада по повод 70 години од ослободувањето на Белград во Втората светска војна и 100 години од почетокот на Првата светска војна.

Поради неговата посета се преземени највисоки мерки на безбедност.

Во чест на неговото доаѓање, главните сообраќајници во Белград се украсени со српски и руски знамиња, а низ градот се поставени и билборди во знак на пријателството на двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.