Ekipa
26 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
Пишува: Заки Шаик
- Авторот е аналитичар со седиште во Велика Британија и има работено со универзитети во три земји од Централна Азија.
ЛОНДОН (АА) - Ситуацијата што се развива во Авганистан и понатаму влијае на регионалната динамика, што ги принуди засегнатите земји да ја преуредат својата позиција со цел да ги спречат заедничките закани и заеднички да тежнеат кон заемни придобивки.
Говорејќи во Ташкент на Конференцијата за регионалната поврзаност меѓу централна и јужна Азија, претседателот на Узбекистан, Шевкат Мирзијојев, повика на зајакнување на мирот и соработката меѓу земјите и градење отворена и конструктивна политика што ги исполнува заедничките интереси на сите држави од централна и јужна Азија. Се надева на формирање стабилни трговски, економски, сообраќајни и комуникациски врски, кои долгорочно треба да станат главен двигател на понатамошниот развој на овие земји и на целиот регион.
Клучниот момент што одекнува на различни нивоа во Ташкент е дека позитивниот пристап кон инклузивен и конструктивен ангажман може да им овозможи на земјите од Централна и Јужна Азија да дадат свој придонес кон регионалната стабилност за да ја претворат меѓурегионалната соработка во ефикасен форум за овозможување мир и развој за сите земји учеснички.
Нарекувајќи го Авганистан една од клучните алки во практичната поврзаност на централна и јужна Азија, Мирзијојев изрази надеж дека „меѓурегионалното партнерство ќе стане важен фактор за воспоставување мир и стабилност и за заживување на економијата во таа земја“.
„Плановите за промоција на транспортните, логистичките и енергетските проекти кои ги поврзуваат централна и јужна Азија мора целосно да ја земат предвид безбедносната ситуација на теренот“, рече на истата Конференција рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, додавајќи дека „авганистанската криза ја влошува заканата од тероризмот и илегалната трговија со дрога, што се искачи до невидено високо ниво“. Предупреди дека „сегашната ситуација е оптоварена со опасноста од прелевање на нестабилноста во соседните држави“. Лавров го нарече ризикот од ова сценарио на прелевање „главна пречка за напорите за вклучување на Авганистан во регионалната соработка“.
Лавров се осврна на општите воени и политички трендови во Азија, каде што се појавуваат нови стратегии и концепти кои, како што рече, без споменување на Соединетите Американски Држави (САД), „немаат за цел здружување на напорите во колективната работа, туку задржување и изолација на ривалите. Малку е веројатно дека ќе помогнат во создавањето поволна атмосфера за постигнување високи цели“.
Само сеопфатно решение за внатрешниот авганистански конфликт ќе ги создаде условите потребни за успешно спроведување на економските проекти и иницијативи кои го вклучуваат Кабул. Затоа, сметаме дека воспоставувањето цврст мир во Авганистан мора да остане колективен приоритет како во регионот, така и на меѓународната сцена. Спроведувањето на нашите планови за економски развој бара мобилизација на нашата политичка волја и заедничко делување за осигурување на регионалната безбедност.
Од низата консултации што се одржаа последните денови во главните градови низ централна Азија, се препозна потребата регионалните актери да играат улога во решавањето на влошената состојба во Авганистан. Како резултат на ваквата интензивна интеракција се очекува на заинтересираните страни да им се помогне да ја постигнат рамнотежата на интереси, што би се покажало пресудно за придонесот кон стабилноста во регионот.
Покрај регионалната Конференција, министрите за надворешни работи на Казахстан, Киргистан, Русија, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан се состанаа во Ташкент на 16 јули 2021 година, напоменувајќи дека моменталната состојба во Авганистан во врска со изгледите за ескалација на непријателствата меѓу владините сили и талибанците, особено во одредени северни провинции што граничат со централна Азија, предизвикува сериозна загриженост. Во екот на новата геополитичка реалност, беше потребно да се продолжи со барањето можности за стабилизирање на воено-политичката ситуација и воспоставување мир во Авганистан. Во врска со тоа, се повикуваат сите страни вмешани во конфликтот во Авганистан да се воздржат од употреба на сила и дестабилизирачки акции со цел да се обезбеди поволно опкружување за напредок на мировниот процес.
За да се развие координиран пристап за ставање крај на долгорочната војна и воспоставување на Авганистан како мирна, независна и суверена држава, државите од Централна Азија и Русија бараат одржување конструктивни преговори помеѓу официјален Кабул и талибанското движење. Во заедничката изјава по состанокот, министрите за надворешни работи изјавија дека се уверени дека сеопфатен и одржлив мир во Авганистан може да се постигне само преку директни инклузивни преговори за политичко решение меѓу самите Авганистанци, под водство на авганистанскиот народ и со поактивна помош од државите и меѓународните структури во обновата на земјата во постконфликтниот период.
Заклучокот на Конференцијата е дека разбирањето на географските фактори ги одржува земјите во регионот на Централна Азија изложени на ризиците на ривалството и судирите. Сепак, истовремено, поврзувањето на регионот за идна соработка може да го претвори тоа подрачје во бенефит за сите.
* Мислењето изнесено во овој напис му припаѓа на авторот и нужно не ја одразува уредничката политика на Агенција Анадолија (AA).