Анализа на вести, Балкан

АНАЛИЗА - „Топла војна“ или „жешка политичка криза“ во БиХ

Локациите и манифестациите на овие националистички и шовинистички акти беа различни, но пораката беше единствена - да се создаде атмосфера на страв и заплашување од војна

Admir Fazlagic  | 13.01.2022 - Обновена : 14.01.2022
АНАЛИЗА - „Топла војна“ или „жешка политичка криза“ во БиХ

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Колку е потребно на Балканот да предизвикате атмосфера која најавува војна или која потсетува на темните денови кога на овие простори истекоа реки невина човечка крв?

Одговорот можеме да го добиеме многу лесно. Ако ги „прелистаме“ случувањата во неколкуте претходни денови во Србија и во Босна и Херцеговина, ќе можеме да видиме како српските националистички струи повикуваа на војна и се закануваа со геноцид.

Создавање на атмосфера на заплашување

Во изминатите неколку дена како на филмска лента се одвиваа оркестрирани акти на демонстрирање привидна моќ и сила на српските националисти, во места во кои живее несрпско, односно бошњачко население. Вандализмот и националистичките пароли со кои тие се закануваа со насилство врз Бошњаците во последниот период не беа видени само во Босна и Херцеговина. Овие настани ги поминаа границите на државата, па можеше слични настани да се видат и во Нови Пазар и во Прибој, во Санџак, регионот во Србија во кој живее доминантно бошњачко население.

Локациите и манифестациите на овие националистички и шовинистички акти беа различни, но пораката беше единствена - да се создаде атмосфера на страв и заплашување од војна.

Како почна сѐ?

По повеќе од четири месеци блокирање на работењето на државните институции на Босна и Херцеговина, членот на Претседателството на БиХ од редот на српскиот народ, Милорад Додик, кој воедно е и претседател на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), отиде чекор подалеку во своите намери. На 10 декември минатата година Собранието на Република Српска (вториот ентитет во БиХ), на иницијатива на Додик одржа специјална седница на која ефективно започна процесот на отцепување. Собранието на РС усвои мерки насочени кон одземање на моќта на државата БиХ и трасирање на патот за воспоставување паралелни институции во правдата, одбраната, безбедноста и оданочувањето.

На тој начин, Додик, иако не доби поддршка од опозицијата која излезе за време на гласањето, обезбеди изговор за „легитимност“ и го официјализира процесот на отцепување на помалиот ентитет Република Српска од државата Босна и Херцеговина.

Познато е дека во 1995 година, Дејтонскиот мировен договор кој се постигна со посредство на меѓународната заедница, донесе прекин на војната во земјата. Државата Босна и Херцеговина беше реорганизирана така што во нејзините рамки официјално беа прогласени два ентитети, Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска, како и еден округ Брчко.

Пораки на осуди на чекорите на Додик

На ваквите чекори реагираа другите двајца членови на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, кои го повикаа Обвинителството во БиХ да подигне постапка против лицата кои во Народното собрание на ентитетот Република Српска усвоија заклучоци кои директно го поткопуваат уставниот поредок на државата БиХ и ги нарушуваат мирот и стабилноста во државата.

Однесувањето на Додик го критикуваше и меѓународната заедница. Соединетите Американски Држави (САД) и ЕУ побараа од Додик да ја прекине блокадата на институциите на БиХ и да прекине со реториката на поделби. На 5 јануари оваа година, САД го внесоа Додик на списокот на санкции, за корупција и за закана за стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ. На сево ова, Додик имаше само одговори полни со иронија и привидно демонстрирање на индиферентност кон таквите акти.

Додик не ги почитува ниту одлуките на Канцеларијата на високиот претставник (OHR) - меѓународна институција одговорна за надгледување на имплементацијата на цивилните аспекти од Мировниот договор со кој е завршена војната во БиХ.

Претходниот висок претставник во БиХ, Валентин Инцко, донесе измени на одредбите на Кривичниот закон на БиХ со кој забрани негирање на геноцидот и злосторствата во БиХ. Иако законот беше поздравен од продемократската босанско-херцеговска јавност, Додик се исмејуваше со законот и повторно јавно го негираше геноцидот.

Тој се спротивстави и на назначувањето на новиот претставник на ОХР во БиХ, германскиот политичар Кристијан Шмит, кој од август минатата година е на оваа функција. Шмит отворено ја критикуваше реториката на Додик и неговите чекори кои водат кон дестабилизирање на Босна и Херцеговина.

И додека меѓународната заедница и домашната јавност отворено го критикуваа Додик за антидржавно однесување и политиката на поделби, во меѓувреме почна да се создава атмосфера која внесува страв од можни нови судири во Босна и Херцеговина.

Неуставниот Ден на Република Српска - 9 Јануари, Додик го искористи повторно да ја испрати пораката дека продолжува со своите намери и со политиката на поделби. По тој повод, во Бања Лука, во присуство на политичките лидери од РС, како и во присуство на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, беше организирана прослава со дефиле на безбедносните сили.

За потсетување, на 9 јануари 1992 година, во Сараево, самонареченото Собрание на српскиот народ во БиХ усвои Декларација за прогласување Република на српскиот народ во Босна и Херцеговина. Тој ден Србите во Република Српска го одбележуваат како свој национален празник, иако е забранет од Уставниот суд на БиХ.

Кој е режисерот на националистичките српски провокации?

Секако, сиве овие случувања се проследени со политички изјави, кои можеби го дешифрираат режисерот на ваквите настани, кој преку ваквата состојба влече политичка корист. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод случувањата во Прибој за време на новогодишната ноќ кога се појави снимка од припадници на српската полиција кои пеат песни со кои повикуваат на повторен геноцид врз Бошњаците, рече дека Бошњаците треба да се чувствуваат сигурни и дека Србија е и нивна земја.

Но Вучиќ искажа и загриженост поради санкциите кои САД ги објавија за Додик. Тој истакна дека „мора да се одржуваат рационални и пристојни односи со Американците, бидејќи се голема сила“, но дека не му паѓа напамет да го враќа времето „кога се подигнувани блокади кон припадниците на српскиот народ на Дрина“.

Случувањата во БиХ го привлекоа интересот и на меѓународната политичка сцена.

Во изминатите денови Босна и Херцеговина ја посети министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар. Тој изјави дека „сепаратистичките изјави и обиди во БиХ, без оглед какви им се целите, не донесуваат корист никому“, додавајќи дека Турција сака целовитост и единство во БиХ и државата да напредува како таква.

Руските желби за влијание на Балканот

Кога се анализираат постапките на Додик, потребно е да се направи осврт на неговите партнери во и надвор од земјата преку кои добива моќ за ваквите чекори.

За својата идеја за поделби, Додик добива „крилја“ од официјална Москва, охрабрен од руската идеја за влијание врз Балканот кој Русија го смета за исклучително важен дел од Европа поради своите традиционални блиски врски со Србија. Исто така, Русија отворено го истакнува својот став дека е против тоа, земјите од Балканот да бидат членки на НАТО и ЕУ.

Освен надвор од ЕУ, Додик има свои „партнери“ и во самата ЕУ. Унгарскиот премиер, десничарскиот националист Виктор Орбан, не ја крие својата блискост со Додик, но и го нагласува својот став во врска со приклучувањето на БиХ во ЕУ.

„Предизвикот со БиХ е како да се интегрира земја со два милиони муслимани“, рече Орбан на прес-конференцијата на 21 декември минатата година, кога зборуваше за состојбата во ЕУ и можното проширување.

Освен Орбан, Додик најде партнер и во словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој, иако негира, се смета за автор и носител на „нон пејперот“, во кој се предлага поделба на БиХ.

Кому му одговара дестабилизација на БиХ?

Дестабилизирањето на Босна и Херцеговина, кое би го донело политичкото дејствување на Додик, за Русија би значело купување време за градење влијание на Балканот, но и попречување на земјите од регионот кон интегрирањето во ЕУ и НАТО. Оснажена од резултатите од своето влијание врз состојбата во Украина и Казахстан, но истовремено и свесна за бавните чекори на бирократската Европска Унија која само испраќа пораки на осуда, Русија наоѓа начин да дејствува на тлото на Балканот преку Додик.

За актуелното продлабочување на политичката криза во БиХ, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека е виновен поранешниот висок претставник на меѓународната заедница, Валентин Инцко, односно неговата одлука за измени во Казнениот законик со кои се казнува негирањето на геноцидот.

Во тој контекст, за потсетување е и фактот дека кога шефот на руската дипломатија, Лавров, во 2020 година беше во официјална посета на БиХ, двајца од тројца членови на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, одбија да се состанат со Лавров. Тие наведоа дека недостатокот на. тоа што го немаше знамето на БиХ на состанокот на Лавров со Додик, како и поддршката на Резолуцијата за воена неутралност што ја усвои Народното собрание на Република Српска, влијаеле на нивната одлука да ја одбијат средбата со Лавров.

Што понатаму?

Во момент кога безбедноста во земјата е разнишана до таа мерка во која се отворени сите можни сценарија за избувнување судири, најважното прашање сега е што е она што сега ќе го преземат останатите политички актери во земјата, како и меѓународните партнери. Надежта за спречување на ретроградната политика на Додик лежи и во можноста на државните органи, во согласност со своите овластувања и ингеренции, да почнат посериозно да се занимаваат со политичкото однесување на неуставните и незаконските чекори на политичарите, на начин приоритет да им биде одбраната на уставно-правниот поредок на државата.

Иако политичкиот фолклор, реториката и идеите потсетуваат на 1990-те години кога земјите од регионот, особено Босна и Херцеговина, беа соочени со војна и се губеа невини човечки животи, состојбата оттогаш не е иста. Промени во Босна и Херцеговина се очекува да донесат општите избори кои треба да се одржат во октомври оваа година со кои, според некои прогнози, ќе ја сменат сликата на политичките сили во земјата, а со тоа ќе се создаде можност за нови политички моменти во земјата.

Во сенка на моменталната криза, најважното прашање за најголем број граѓани на БиХ сега е како да се извлечат од тешката економска состојба која ја предизвикаа пандемијата и енергетската криза.

Иако реално нема простор за многу оптимизам, очигледно е дека војната веќе не е опција за народите кои уште ги лекуваат раните од последната војна, за која сеќавањата се сѐ уште свежи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.