Балкан

Српскиот претседател Вучиќ: „Мораме да живееме заедно, Прибој нема да биде без Бошњаци“

„Против нив, оние кои пееја ’Сјеница ќе биде новата Сребреница, а Нови Пазар, новиот Вуковар‘, ќе биде покрената дисциплинска постапка, тие ќе бидат разместени и од Прибој...“

Aleksandar Niciforovic  | 12.01.2022 - Обновена : 13.01.2022
Српскиот претседател Вучиќ: „Мораме да живееме заедно, Прибој нема да биде без Бошњаци“ Фото: Aleksandar Ničiforović/АА

ПРИБОЈ (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, престојуваше во Прибој поради серијата инциденти во кои се навредувани Бошњаците, што се случија во таа општина во југозападна Србија на почетокот на оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Поради актуелната ситуација, Вучиќ се состана со раководството на Прибој, со претставници на бошњачките партии кои учествуваат во власта и претставници на верските заедници.

Тој рече и дека престојува во Прибој за да се обиде да ја смири ситуацијата и им порача на Бошњаците од Прибој дека се безбедни во Србија, дека тој тоа им го гарантира, бидејќи Србија е нивна земја.

„Има многу луди глави, затоа мора да бидеме тие што ќе ја смират тензичната ситуација. Одговорноста на функцијата бара да бидам поостар кон Србите. Јас сум Србин, претседател на Србија, но не можам да го замислам Прибој без Бошњаците. Гарантирам дека Прибој нема да биде без Бошњаците, бидејќи тие имаат исти права како Србите, нема посилни, сите се еднакви пред законот“, изјави претседателот на Србија во Прибој.

Тој истакна дека сторителите на инцидентот во Прибој ќе мора да се пресметаат со државата и со сите кои ќе се осмелат да направат кривично дело. Изјави дека Обвинителството ја врши работата во случајот со припадниците на Граничната полиција кои со песни го величеа геноцидот во Сребреница и со тоа ги вознемирија Бошњаците кои живеат во Прибој.

„Против нив, оние кои пееја ’Сјеница ќе биде новата Сребреница, а Нови Пазар, новиот Вуковар‘, ќе биде покрената дисциплинска постапка, тие ќе бидат разместени и од Прибој, а Обвинителството си ја врши работата во тој случај. Постапката се води и кон оние кои пееја ’Божиќ е, пукај во џамиите’. Луѓе, дали сте нормални, смирете ги емоциите, зарем да го рушите она што со години го градиме“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека „секој што сака да пали, убива, пука и коле“ ќе заврши во затвор.

„Секој што ќе помисли да загрози нечиј живот, куќа, џамија и црква, ќе мора да се справи со државата која нема да има милост и ќе се однесува безмилосно, и затоа ги молам таквите да не ја оспоруваат државата и да не ја проверуваат силата на државата“, рече српскиот претседател.

Вучиќ истакна дека Бошњаците и Србите со векови живеат во Прибој и околу него и дека така мора да остане.

„Мораме да ги почитуваме нашите пријатели и сонародници муслимани, да ги почитуваме џамиите, исто како што ги почитуваме манастирите и црквите. Ова е земја на сите Бошњаци и на секој човек подеднакво, како и наша. Не постои поединец посилен од државата, пред законот сите се еднакви, без разлика на името“, рече Вучиќ.

Вучиќ за време на состанокот во Домот на културата во Прибој разговараше и со бошњачки повратници од територијата на Прибој. Тој со нив разговараше за продолжувањето на програмата за враќање и инфраструктурните проекти, но и за статусот на Бошњаците од Северин како цивилни жртви на војната.

По таа средба, претседателот на Србија отиде во Џамијата „Хасан-ага“ во центарот на Прибој и на насобраните верници им порача да се чувствуваат безбедно, бидејќи, како што рече, претседателот на нивната земја го гарантира тоа.

За меѓуверските односи и за зачувување на мирот меѓу верниците во Прибој, претседателот на Србија разговараше со милешевскиот владика Атанасије и со муфтијата на Исламската заедница во Србија, Мевлуд ефенди Дудиќ. Дудиќ, заедно со имамите на Меџлисот на Исламската заедница од Прибој побара помош и поддршка од Вучиќ за изградба на џамија во Нови Прибој, која верниците ја чекаат околу 30 години.

На посетата на претседателот Вучиќ на Прибој, претходеше обиколка на фабриките во Слободната индустриска зона, меѓу кои е и турската компанија „Флекс академија“, во која работат речиси 300 лица од Прибој. На настанот присуствуваа турскиот амбасадор во Србија, Хами Аксој и турскиот генерален конзул во Нови Пазар, Башар Башол.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.