наука и технологија

Студентска иновативност: Електричен велосипед кој го прочистува воздухот

Во разговор за Anadolu Agency (AA) студентите иноватори раскажаа дека по напорна работа успеале да ја реализираат својата замисла, при што создале прототип на електричен велосипед кој има вградени филтри кои го прочистуваат воздухот

Admir Fazlagic  | 02.01.2019 - Обновена : 05.01.2019
Студентска иновативност: Електричен велосипед кој го прочистува воздухот

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Студентите генерално важат за генератори на промени и двигатели на севкупниот општествен развој. Во прилог на оваа општоприфатена теза оди приказната за шестемина студенти и професор од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои дошле до идеја да создадат ГЕТ-велосипед, односно електричен велосипед кој има вградени филтри кои го прочистуваат воздухот, што го прави уникатен.

Филип Попоски и Марко Насески се двајца од шестемина студенти кои се дел од проектот ГЕТ (градски еко-транспорт), и кои во разговор за Anadolu Agency (AA) говореа за овој проект, неговата важност за општеството, како и за неговиот иден развој.

Како што објаснуваат Попоски и Насески, суштинската цел на проектот е во градовите низ Македонија да се воспостави систем на еколошки градски транспорт со велосипеди кои содржат вградени филтри, кои според нивното раскажување, може да се вградат на речиси секој велосипед, а прочистуваат 9 кубни метри воздух со секој изминат километар.

Раскажуваат дека идејата за ГЕТ-велосипедот започнала пред околу година и пол, кога почнале да ја согледуваат ситуацијата со енормното високо загадување на воздухот која и сега е актуелна, при што добиле мотив и желба да направат нешто за да имаат свој придонес во решавањето на овој важен проблем од секојдневјето.

Во нивната намера за реализирање на оваа идеја биле предводени од професорот на Машинскиот факултет, Иле Мирчески, од кого велат дека добиле голема поддршка. Исто така, додаваат дека поддршка добиле и од другите професори од Машинскиот факултет, како и од соседните факултети на Техничкиот кампус.

„За овој велосипед како примарен фактор кој треба да го напоменеме се вградените проактивни филтри на самите тркала што ги прочистуваат ПМ10-честичките кои се најголем проблем и најштетни честички во загадувањето на воздухот. Олеснителна околност е електричниот погон, погонот на електромотор“, вели Попоски, кој додава дека овој велосипед е создаден за оние кои го употребуваат побрзо да стигнат од една до друга дестинација, но и истовремено да се намали загадувањето.

„Самите филтри не претставуваат дополнително оптоварување, а притоа не трошат од електричната енергија и можат да се монтираат на секој велосипед“, објаснува Попоски. Тој додава дека за зголемување на искористеноста на велосипедите, поставен е систем за промена на брзини, слично на класичниот, со таа разлика што брзините не се изложени на надворешни влијанија бидејќи се поставени во самото тркало, а дополнително и моторот има пет степени на помош.

Студентот Насески истакнува дека ова е прв прототип на велосипедот, кој сакаат и понатаму да го усовршуваат и да го понудат на пазарот и за градскиот систем на превоз, но и за индивидуален велосипед за корисникот. Истакнуваат дека се соочувале со бројни потешкотии и проблеми за да дојдат до оваа фаза од нивниот проект, односно да создадат прототип на велосипедот, затоа што поголем број од деловите морале да ги набават од земјите во странство.

Замислата е ГЕТ-проектот да профункционира на начин како што сега функционира јавниот градски превоз, да постои картичка со која ќе може да биде наплатено возењето на корисникот кој ќе го изнајми велосипедот од одредена станица. Според проектот, полнењето на батериите на електричните велосипеди се остварува на станици, на кои истовремено е предвидено и заклучување на велосипедите.

„Во самата кутија на воланот која понатаму има дополнително оптимизирање од оваа фаза што е сега, има вградено читачи на картичките, слични како оние што се во ЈСП, понатаму би можела интеграција со мобилни телефони, отчитување и сето тоа... Со тоа се отклучува механизам кој е вграден во секој велосипед, и всушност така овозможува користење“, објаснува Попоски.

Насески додава дека велосипедот би можел да биде оставен во радиус од 2 или 4 километри од станицата. Според него, кога би се имплементирал еден ваков систем во градот, станиците би биле поделени во однос на фреквентноста на движењето на луѓето.

„Доколку е во зона каде што има поголема фреквенција на луѓе, поголеми се шансите дека откако јас ќе го оставам велосипедот некој друг ќе го земе за брзо време и ќе го користи. Со тоа се зголемува искористеноста на системот, меѓутоа не сакаме да ја отстраниме опцијата доколку на некого му е потребно да стигне поблиску до неговата дестинација да се ограничува на станиците или на зоните со голема раздвиженост. Може да го паркира и надвор од тие зони“, велат студентите Насески и Попоски.

Според нивните видувања, за да профункционира овој систем на градско ниво треба голема поддршка од општините.

Како што велат двајцата соговорници, слични успешни системи на интегрирање има во Париз и во Мадрид, но во случајот со ГЕТ-проектот, уникатно е прочистувањето на воздухот при употреба на велосипедот.

„Колку е помасовна искористеноста, толку мислиме дека ќе помогне повеќе. Што повеќе се користи, се намалуваат автомобилите и со тоа се зголемува и прочистувањето на воздухот. Самиот велосипед го прочистува воздухот со тоа што не се загадува со возење на автомобили, нашиот плус има проактивни филтри кои дополнително го прочистуваат воздухот при возењето“, истакнува Насески.

Иноваторите Попоски и Насески се надеваат проектот за градски еко-транспорт да биде широко прифатен од општеството и релевантните институции со што, со текот на времето ќе се создаде подобра, почиста и поорганизирана животна средина.

Меѓу другото, во разговорот тие информираа дека патентната постапка за иновација на нивниот производ, електричниот велосипед со вградени филтри за прочистување е веќе во тек.

Инаку, овој проектот за електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот е поддржан од државниот Фонд за иновации и технолошки развој, а во сороботка со компанија од Кавадарци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın