свет, култура и уметност

Откривање на Букурешт: Прошетка низ живата историја на Романија

Букурешт, кој се наоѓа во Југоисточна Европа, се карактеризира со архитектура обликувана од европски влијанија уште од крајот на 19 век

Aida Cako  | 02.01.2026 - Обновена : 02.01.2026
 Откривање на Букурешт: Прошетка низ живата историја на Романија Фото: Mehmet Taha Mazı/AA

БУКУРЕШТ (АА) - Низа фотографии направени од фотограф на Анадолу го прикажуваат богатиот историски, културен и политички идентитет на Букурешт, главниот град на Романија, преку неговите најпрепознатливи знаменитости.

Централната универзитетска библиотека „Карол Први“ и коњичката статуа на кралот Карол Први се издигнуваат во срцето на градот како симболи на академската традиција и монархистичкото минато на романската престолнина.

Во непосредна близина се наоѓаат и Романскиот атенеум и споменикот на националниот поет Михај Еминеску, кои важат за едни од најпочитуваните културни обележја во градот.

Плоштадот на Револуцијата претставува централна точка на политичката меморија на нацијата.

На него се наоѓаат Споменикот на преродбата и зградата на Министерството за внатрешни работи, објекти тесно поврзани со настаните од Романската револуција во 1989 година.

На плоштадот е поставен и споменикот на Јулиу Маниу, во чест на една од клучните личности во борбата за демократија во земјата.

Монументалната палата на Парламентот – втора најголема административна зграда во светот – доминира во градскиот пејзаж и сведочи за државната моќ, додека присуството на жандармериски возила околу објектот ја отсликува безбедносната реалност на престолнината.

Низ улиците на Букурешт романското знаме е истакнато на голем број јавни институции, меѓу кои Националниот воен клуб, Националниот музеј на романската историја и Народната банка на Романија.

Црквата „Крецулеску“ и манастирот „Касин“ ги симболизираат длабоката религиозна традиција и историското наследство на градот.

Букурешт, кој се наоѓа во Југоисточна Европа, се карактеризира со архитектура обликувана од европски влијанија уште од крајот на 19 век. Зградите на Парламентот, музеите, универзитетите и верските објекти ја отсликуваат политичката, културната и историската еволуција на Романија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın