свет, економија

„Ормускиот Теснец предизвика најголем прекин во снабдувањето од времето на КОВИД-19 и почетокот на украинската војна”

- Се предупредува дека влијанието се проширува и надвор од Блискиот Исток, поради што пренасочувањето околу Африка ја продолжува пловидбата за „околу 25-30 дена” и ги зголемува трошоците „од 15 до 25 отсто”

Beyza Binnur Dönmez  | 31.03.2026 - Обновена : 31.03.2026
„Ормускиот Теснец предизвика најголем прекин во снабдувањето од времето на КОВИД-19 и почетокот на украинската војна”

ЖЕНЕВА (АА) - Светската програма за храна (ВФП) денес соопшти дека конфликтот на Блискиот Исток го предизвикал „најголемиот прекин на синџирите на снабдување”, на 70.000 тони храна на оваа агенција, јавува Анадолу.

„За нас ова е најголем прекин на синџирите на снабдување што сме го виделе од времето на КОВИД-19 и почетокот на војната во Украина”, изјави Корин Флајшер, директорка за логистика, пред новинарите во Женева.

Таа изјави дека во моментов агенцијата располага со „70.000 метрички тони храна што се блокирани поради војната на Блискиот Исток”, кои се заглавени на пристаништата поради блокадата на Ормускиот Теснец.

„Ова влијае врз бродовите што се заглавени на пристаништата, кои не се закотвени на пристаништата, кои не ги напуштаат пристаништата (и) контејнерите кои не се растовараат”, изјави таа, опишувајќи го ова како „целосен прекин на глобалниот синџир на снабдување”.

Флајшер предупреди дека влијанието се проширува и надвор од Блискиот Исток, поради што пренасочувањето околу Африка ја продолжува пловидбата за „околу 25-30 дена” и ги зголемува трошоците „од 15 до 25 отсто”.

Таа изјави дека ВФП бара приоритетно минување на храната, и дека преговарала за ослободување од дополнителни давачки, со што веќе досега е постигнато „избегнување на трошоци од околу 1,5 милиони долари”.

Сепак, таа алармира за сѐ поголемите хуманитарни потреби.

„Нашите претпоставки се дека до јуни уште 45 милиони лица ќе се соочат со акутен глад”, изјави таа, предупредувајќи на „поголема потреба, повисоки трошоци и наша неможност потоа да стигнеме до луѓетo” со сегашното ниско ниво на фондовите за хуманитарните операции.

Таа заклучи дека овие повисоки трошоци и неопходни промени на маршрутите се преточуваат во повисоки цени на храната секаде, потенцирајќи ја големата загриженост на агенцијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.