Собранието на РСМ го изгласа Законот за прекршоци, од 1 февруари во примена системот „Безбеден град“
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Северна Македонија со 81 глас „за“ и 19 „против“ го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, јавува Анадолу.
Со ова, се отвора примената на системот „Безбеден град“, за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци со почеток од 1 февруари.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање.
Според надлежните, овој систем се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Во првата фаза, системот ќе евидентира прекршоци како пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и неправилно паркирање.
Во наредната фаза е планирано проширување на опфатот на прекршоците.
Откако системот ќе биде целосно ставен во функција, сопствениците на возилата кај кои ќе биде утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање на записникот со платен налог.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија на 20 јануари започнува со тестирање, калибрација и верификација на уредите за сообраќаен надзор во рамките на проектот „Безбеден град“.
Според Министерството, активностите ќе се реализираат до 31 јануари, секој ден во времето од 8:00 до 20:00 часот.
Системот во првата фаза ќе функционира само во Скопје, Тетово и Куманово, како и по коридорите 8 и 10. Во следниот период се очекува проширување на целата територија на државата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
