Министрите за транспорт на Косово и Северна Македонија ги посетија градежните локации на патот Тетово-Призрен
„Овој значаен проект вреден над 33 милиони евра и долг повеќе од 20 километри ќе ја зголеми соработката помеѓу нашите две земји и значително ќе го олесни движењето на граѓаните и стоките...“
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Александар Николоски, заедно со министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, ги посетија градежните локации на патот Тетово-Призрен, јавува Анадолу.
Заедно со министерот Николоски во посетата беше и заменик-министерката Калтрина Зеколи Шаќири. Косовскиот министер Алиу, исто така, беше придружуван од својот заменик Хисен Дурмиши.
По посетата косовскиот министер Алиу преку објава на социјалните мрежи истакна дека проектот вреден над 33 милиони евра ќе ја зголеми соработката помеѓу Косово и Северна Македонија.
„Овој значаен проект вреден над 33 милиони евра и долг повеќе од 20 километри ќе ја зголеми соработката помеѓу нашите две земји и значително ќе го олесни движењето на граѓаните и стоките. По завршувањето на патот, времето на патување ќе се намали од три часа на помалку од еден час, нудејќи побрза и побезбедна врска низ прекрасниот пејзаж на Шар Планина“, напиша Алиу.
Патот Тетово-Призрен беше меѓу темите за кои се разговараше на последната заедничка средба на владите на Северна Македонија и Косово, одржана во Приштина на 18 ноември 2024 година.
Градежните работи за изградба на овој пат во Косово официјално започнаа на 13 август 2024 година.
Во моментов Косово и Северна Македонија се поврзани со три гранични премини, меѓу кои главен е граничниот премин во Блаце.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
