„Терористот кој се наоѓаше на турско-грчката граница е депортиран во Америка"
„Американецот кој се наоѓаше меѓу нашата граница и Грција, пред малку е депортиран со авион од Истанбул во Америка“, рече Сојлу во изјава за медиумите

АНКАРА (АА) – Странскиот терорист кој се наоѓаше на турско-грчката граница е депортиран во САД, истакна министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Американецот кој се наоѓаше меѓу нашата граница и Грција, пред малку е депортиран со авион од Истанбул во Америка“, рече Сојлу во изјава за медиумите.
Се работи за Мухамед Дарвис Б., американски државјанин со потекло од Јордан, фатен во Сирија, кој првин, во понеделникот, преку граничниот премин Пазаркуле во Едирне беше депортиран од Турција кон Грција, како трета земја избрана од него.
Но кога тој го напушти турскиот граничен премин кон соседна Грција, грчките власти двапати одбија да го дозволат неговиот влез, со што тој остана блокиран во меѓуграничната зона.
Во неговиот прв неуспешен обид да влезе во Грција, грчките власти го вратија пешки кон турската граница. Неговиот втор обид резултираше со печат во неговиот пасош, со што му се забрани влезот во Грција.
Му беше дозволено да спие во возило на турската гранична безбедност, му беше обезбедена храна, и повторно наутро беше испратен во тампон-зоната.
Исто така, министерот Сојлу истакна дека другиот важен припадник на терористичката организација кој беше фатен од страна на Турција, е лице кое извршило бомбардирања во Европа и Турција.
„Во тек е испрашувањето“, додаде Сојлу.
Инаку, на почетокот на овој месец, Сојлу рече дека Турција ќе започне со депортација на фатените терористи на ДЕАШ во земјите од кои тие потекнуваат.