Турција: Сто и шестгодишна жена сведок на две пандемии: „Најмногу ми е жал за здравствените работници“
„Нека се придржуваат луѓето на заштитните мерки што ќе се воведат. Најмногу ми е жал за лекарите и здравствените работници, чија борба против болеста не може да се плати, непроценлива е“, изјави Пехливан.

ЕДРЕНЕ
Сафије Пехливан е 106-годишна Турчинка од Едрене, која за време на својот долг живот била сведок на две пандемии. Таа ги повика луѓето да ги почитуваат превентивните мерки за заштита што ги препорачуваат надлежните власти.
Пехливан е родена во грчко погранично село, а со семејството се преселила во Турција во 1956 година.
Старицата води здрав живот и сè уште добро спие од раните вечерни часови до првите зраци на утринското сонце. Избегнува преработена храна, а за долговечност препорачува избегнување на непотребен стрес.
Таа во разговор за Агенција Анадолија (АА) изјави дека ја преживеала пандемијата на маларија во Грција на почетокот на 50-тите години од минатиот век, кога голем број луѓе починале, вклучувајќи и двајца членови на нејзиното потесно семејство.
„Нека се придржуваат луѓето на заштитните мерки што ќе се воведат. Најмногу ми е жал за лекарите и здравствените работници, чија борба против болеста не може да се плати, непроценлива е“, изјави Пехливан.
Маларијата е заразна болест што ја пренесуваат комарците, а според податоците на Африканскиот центар за контрола и превенција на болеста, и понатаму е потенцијално смртоносна.
Високата телесна температура, грозницата се некои од главните симптоми на маларијата, токму како и случајот со Ковид-19, што го предизвика новиот коронавирус, кој кон крајот на 2019 година се појави во кинескиот град Вухан и досега предизвика смрт кај повеќе од 2,7 милиони луѓе во светот.