Турција на 30 ноември ќе го лансира сателитот „Турксат 5А“
„Продолжуваат активностите во тој поглед. Потоа доаѓа и 5Б. Тогаш ќе имаме и нови изненадувања“, изјави турскиот министер за транспорт

АКСАРАЈ (АА) - Турција ќе го лансира сателитот „Турксат 5А“ на 30 ноември, изјави денес турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Нашиот комуникациски сателит Турксат 5А ќе биде спремен на 2 октомври, а на 30 ноември ќе биде лансиран во вселената“, рече Караисмаилоглу во обраќањето на натпреварот за модели на сателити Турксат, што се одржува во рамките на Фестивалот за воздухопловство и технологија (Технофест), на кој присуствуваше и турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, и шефот на Канцеларијата за дигитална трансформација, Али Таха Коч.
Говорејќи за значењето на овој настан, тој истакна дека пред пет години, кога е одржан првиот натпревар, учествувале пет тимови и 18 луѓе, а денес тој број достигна 149 тимови и 900 лица.
„Ова за нас е голем успех. Секогаш ќе бидеме покрај нашата младина и ќе ѝ пружаме поддршка“, додаде тој.
Нагласи дека лансирањето на сателитот „Турксат 5А“ во вселената ќе биде голем успех за Турција.
„Продолжуваат активностите во тој поглед. Потоа доаѓа и 5Б. Тогаш ќе имаме и нови изненадувања“, рече Караисмаилоглу.
Варанк истакна дека Технофест е започнат со цел дополнително да ги поттикне младите да се занимаваат со научни и технолошки истражувања.
„Ова натпреварување е всушност натпревар каде учесниците можат да ги поминат сите фази, од дизајн на вселенски систем до негово пуштање во работа“, рече Варанк.
На овогодишниот натпревар учествуваат вкупно 149 тимови, од кои 146 се турски и три од други земји.