Турција

Турскиот претседател Ердоган го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа

„Длабоко сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во (египетскиот град) Шарм ел-Шеик, во кои придонесе и Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“

Büşra Nur Çakmak, Efe Özkan  | 09.10.2025 - Обновена : 09.10.2025
Турскиот претседател Ердоган го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас, јавува Анадолу.

„Длабоко сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во (египетскиот град) Шарм ел-Шеик, во кои придонесе и Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“, истакна Ердоган преку турската платформа за социјални медиуми „NSosyal“.

„Би сакал да ја изразам мојата искрена благодарност до американскиот претседател (Доналд) Трамп, кој ја покажа потребната политичка волја да ја охрабри израелската Влада да се согласи на прекин на огнот, и до нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот“, додаде тој.

Ердоган рече дека Анкара внимателно ќе го следи строгото спроведување на договорот за прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.

Турција, исто така, ќе продолжи да изразува поддршка сè додека „не се воспостави независна, суверена палестинска држава, со целосен територијален интегритет, врз основа на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град“.

„Во оваа пригода, им упатувам најискрени поздрави на моите палестински браќа и сестри, кои две години издржаа неописливо страдање, борејќи се за живот и достоинство под нехумани услови, губејќи ги своите деца, мајки, татковци, роднини и пријатели, и кои, и покрај сите трагедии што ги претрпеа, не потклекнаа во однос на својот чесен став“, рече Ердоган.

Планот од 20 точки, првично објавен на 29 септември, вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестински затвореници, прекин на огнот, разоружување на Хамас и обнова на Газа.

Од октомври 2023 година, во израелските напади во Газа убиени се речиси 67.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Немилосрдното бомбардирање ја остави Газа во голема мера непогодна за живот, доведе до глад и ширење на болести.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.