Турскиот министер Донмез: Во мај започнуваат испитувањата на дупнатините во гасното поле „Сакарја“
„Не можеме во потполност да зборуваме за енергетска независност таму каде што ресурсите се домашни, а технологијата странска...“

АНКАРА (АА) - Екипите посветено работат на терен за првата фаза од експлоатацијата на гасот од Црното Море да биде подготвена во 2023 година, а во тек се и активностите во гасното поле „Сакарја“. Сондажниот брод „Кануни“ ќе врши тестирања на дупнатините „Туркали-1“, „Туркали-2“ и „Туна-1“, што ги ископа бродот „Фатих“. Тестирањето на дупнатините ќе почне од дупнатината „Туркали-2“ во мај оваа година, изјави министерот за енергија и природни ресурси на Република Турција, Фатих Донмез, јавува Агенција Анадолија (АА).
Донмез преку видеолинк учествуваше на состанокот на Советот за национални технологии во нафтената индустрија (PEMT), при што изјави дека националната енергетика нема да може да биде разгледувана одвоено од националната технологија. Министерот укажа на значењето од локализацијата на енергетските технологии.
„Не можеме во потполност да зборуваме за енергетска независност таму каде што ресурсите се домашни, а технологијата странска. Локализацијата на енергетските технологии е еден од најважните услови што ќе овозможат стабилна и одржлива енергетска стабилност“, изјави Донмез.
Тој додаде дека за време на пандемијата на коронавирусот дошло до одредени ограничувања на глобално ниво кога е во прашање енергетскиот сектор и дека не можеле од странство да добијат опрема и персонал, што укажало на значењето на домашната технологија.
Тој појасни дека слична ситуација се случила во Источниот Медитеран.
„Обидот со аргументите што не се во согласност со правото да бидат прекинати нашите истражувања и дупчења во Источниот Медитеран, доведе до тоа да имаме респектабилна флота во светот. Оние што се обидоа да нè турнат во еден агол, не само што ни овозможија да имаме флота, туку исто така обезбедија развој на бродовите и технологијата што ќе ги подигне на повисоко ниво“, рече Донмез.
Тој изјави дека по откритијата во Црното Море, одредени земји испратиле јасен повик на истражувања.
„Изјавивме дека нашиот приоритет моментално е просторот во границите. Засега го одбивме предлогот, но тоа во иднина ќе ни ги отвори вратите во странство. Денес имаме многу компании што вршат извоз кога е во прашање обновливата енергија, згора на тоа, што обезбедуваат инженерски и консултантски услуги на компании во странство. Овој успех сакаме да го пренесеме и на секторот на јаглеводородите“, рече Донмез.
Донмез додаде дека во рамките на PEMT, во согласност со домашните можности се произведуваат опрема и материјали кои се користат за време на дупчењата.
Тој потсети дека подводниот робот „Касиф“ и системот за одложување на сондажниот отпад на копно без контакт со морето, „Титиз“, се произведуваат во Турција.
Министерот изјави дека благодарение на тие активности е зголемен степенот на домашно производство првенствено во операциите во Црното Море.
„Екипите посветено работат на терен за првата фаза од експлоатацијата на гасот од Црното Море да биде подготвена во 2023 година, а во тек се и активностите во гасното поле Сакарја. Сондажниот брод „Кануни“ ќе врши тестирања на дупнатините Туркали-1, Туркали-2 и Туна-1, што ги ископа бродот „Фатих“. Тестирањето на дупнатините ќе почне од дупнатината Туркали-2 во мај оваа година“, изјави Донмез.
Министерот изјави и дека сондажниот брод „Фатих“ врши истражувања на локацијата „Амасра-1“, североисточно од гасното поле „Сакарја“.
Гасното поле се наоѓа на длабочина од 2.100 метри под морското дно во гасното поле „Сакарја“, што се наоѓа на околу 170 километри од брегот на Црното Море.
„Сите наши цели и активности се насочени кон исполнување на роковите и гасот од Црното Море за нашите граѓани да биде достапен на 100-годишнината од Републиката“, изјави Донмез.
Тој рече дека во последните три години во согласност со можностите во Турција, започнале производство на 93 типови опрема.
„Вкупниот буџет на оваа опрема, што го локализиравме, достигна 186,5 милиони лири. Да не ги произведовме домашните еквиваленти на опремата, во странство би ги платиле 263,5 милиони лири. Заштедата, односно, износот што останува во нашата земја е околу 76 милиони лири“, изјави Донмез.
Тој додаде дека таа опрема работи или исто или подобро во однос на еквивалентите во странство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.