Турција

Традиционалните јадења што 17-годишник ги подготвува според рецептите на неговата баба привлекоа огромно внимание

- Рецептите ги учи и внимателно ги запишува од повозрасните членови на семејството, особено од бабите, а потоа ги подготвува на традиционален начин, внимавајќи да ја зачува нивната оригиналност

Beşir Kelleci  | 14.01.2026 - Обновена : 15.01.2026
Традиционалните јадења што 17-годишник ги подготвува според рецептите на неговата баба привлекоа огромно внимание Beşir Kelleci/AA

БЕШИР КЕЛЕЏ –

Седумнаесетгодишниот Метехан Демирхан од турскиот град Бајбурт вложува напори да ги зачува традиционалните јадења што полека паѓаат во заборав, подготвувајќи ги според рецептите на својата баба и прабаба и споделувајќи ги со пошироката јавност, јавува Анадолу.

Демирхан, кој од мали нозе покажувал интерес за готвење, по совет на тетка му започнал да се насочува кон автентичните гастрономски специјалитети карактеристични за регионот Бајбурт.

Рецептите ги учи и внимателно ги запишува од повозрасните членови на семејството, особено од бабите, а потоа ги подготвува на традиционален начин, внимавајќи да ја зачува нивната оригиналност.

Содржините што ги креира додека готви ги споделува на социјалните мрежи и на различни настани, со цел овие вкусови да стигнат до што поголем број луѓе.

Меѓу јадењата што ги подготвува се долми, галаџош, слатка чорба и кисела зелка, дел од богатата локална кујна. Кратките видеа и фотографии ги објавува на својот профил на социјалните мрежи под името „Метешеф“ (meteşef).

Покрај тоа што објавува онлајн, Демирхан учествува и на локални настани, каде што настојува да им ги приближи овие вкусови на младите и да придонесе за зачувување на гастрономската култура на Бајбурт.

- „Сакам на идните генерации да им ги пренесам јадењата на Бајбурт“ -

Метехан Демирхан, ученик во завршна година од средното образование, за АА изјави дека уште од детството имал талент и љубов кон готвењето, а по насоките од својата тетка започнал подетално да ги истражува и подготвува традиционалните јадења.

Тој истакна дека по споделувањето на рецептите и јадењата на социјалните мрежи наишол на голем интерес.

„Кога ја видов реакцијата, сфатив дека луѓето навистина копнеат по традиционалните вкусови. Ова ме мотивираше уште повеќе да подготвувам вакви јадења. Особено внимание покажуваат оние што ги потсетуваат на јадењата на нивните баби и дедовци. Тоа ме прави исклучително среќен. Моја цел е овие јадења да се рашират низ целата земја“, рече Демирхан.

Тој нагласи дека рецептите најчесто ги учи од своите баби и други повозрасни членови на семејството и дека е многу внимателен за да ја пронајде најавтентичната верзија.

„Илјадници луѓе ги зачувуваат рецептите што ги споделувам. Понекогаш гледам дека 10.000 или 20.000 лица ги имаат зачувано. Ова ми дава голема радост и чувство дека навистина придонесувам за пренесување на јадењата што ѝ припаѓаат на културата на Бајбурт на идните генерации“, изјави тој.

Демирхан додаде дека секое традиционално јадење има своја приказна што, исто така, ја споделува додека готви.

Јадењата најчесто ги подготвува во Информативниот центар при Универзитетот во Бајбурт, простор што, како што рече, дополнително го мотивира бидејќи ја одразува културата на градот.

„Поради мојата љубов кон готвењето, размислувам да студирам гастрономија. Подоцна сакам да отворам ресторан со традиционални јадења и да ги запознаам луѓето со овие вкусови. На мојот профил ‘meteşef’ споделувам рецепти за многу јадења. Бајбурт има околу 40 видови традиционални јадења, а некои од нив се разликуваат дури и од село до село“, додаде тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.