Првата дама на Туркије: Светот е ужаснат и загрижен поради израелските напади во Палестина
„Додека Израел фрла огромен број бомби и куршуми врз цивилите во Палестина, нашата колективна реакција е целосна ужаснатост и загриженост“, изјави Емине Ердоган за „Њусвик“
ВАШИНГТОН (АА) - Првата дама на Туркије, Емине Ердоган, изрази голема загриженост поради нападите на Израел врз Палестина, истакнувајќи дека Анкара ќе продолжи со работата за обезбедување секаков вид поддршка за Палестинците, јавува Анадолу.
„Денес, како резултат на нападите на Израел врз окупираните палестински територии и особено врз Газа од 7 октомври, сведоци сме на грозоморните последици што може да ги има војната врз жените и децата.“
„Додека Израел фрла огромен број бомби и куршуми врз цивилите во Палестина, нашата колективна реакција е целосна ужаснатост и загриженост“, изјави Ердоган во ексклузивното интервју за „Њусвик“.
„Израел предизвика смрт и рани десетици илјади луѓе, гаѓајќи училишта, места за богослужба, згради, па дури и хуманитарните коридори“, рече Ердоган додавајќи дека поради израелските напади и ограничените ресурси нефункционални се 18 од 35 болници во Газа, меѓу кои и Болницата на турско-палестинското пријателство.
„За жал, во регионот нема безбедно засолниште за 1,5 милиони жители на Газа кои се принудно раселени. Меѓу овие луѓе има бремени жени, мајки со доенчиња и деца со посебни потреби. Можете ли да замислите колку им е тешко да преживеат во услови на конфликт и раселување?“, рече Ердоган.
Туркије не гледа разлика меѓу палестинските деца и децата од Украина, Европа, Америка, Туркије или други земји, рече првата дама на Туркије, додавајќи: „Секое дете има право на безбеден и удобен дом, како и добро образование и здравствена заштита, без оглед на тоа каде е родено.“
- Израел дејствува со „организациски автоматизам“ -
„Израел применува колективно казнување, без да прави разлика меѓу мажите и жените, децата и старите лица“, рече Ердоган.
„Она што сега се случува во Газа не може да се опише ниту како војна. Со своето најсовремено оружје, ова е држава што реагира со организациски автоматизам“, додаде таа, нагласувајќи дека Израел не ги почитува основните правила на меѓународното право.
„Во моментов во Палестина, очигледно, воинствената држава врши воени злосторства, кои се еднакви на злосторства против човештвото, со што ги прекршува универзалните хуманитарни вредности и меѓународното право. Не може таквите злосторства да ги сметаме како проблем што ја засега само Палестина, регионот или муслиманските земји“, рече таа.
„Луѓето со совест, од исток до запад, се залагаат за праведната кауза на Палестина, а милиони луѓе протестираат против израелските 'злосторства' на улиците, плоштадите и универзитетските кампуси низ светот“, додаде Ердоган.
Осврнувајќи се на неодамнешниот Самит „Обединети за мир во Палестина“ во Истанбул, првата дама рече дека Туркије продолжува со интензивни активности на светот да му говори за масакрот и да ги запре нападите.
„Нашата земја ќе продолжи да работи за да обезбеди секаков вид поддршка за палестинскиот народ целосно во рамките на активностите за хуманитарна помош.“
„Мора да нагласам дека Туркије останува како една од клучните земји за решавање на кризите и проблемите во регионот. Подготвени сме да ги направиме потребните напори, вклучително и како гарант, да го зачуваме мирот што треба да се воспостави во овој контекст“, изјави таа.
Ердоган ги повика сите меѓународни актери да соработуваат за да се постигне долгорочен мир во Газа.
Во врска со зголемувањето на воената поддршка од САД за Израел, Емине Ердоган рече дека разгорувањето на огнот на конфликтот е „наједноставно кажано учество во овој масакр“.
„Со ракетите, кои САД му помогнаа на Израел да ги добие, се таргетираат болниците, новороденчињата во инкубаторите на интензивна нега, училиштата, џамиите и црквите, како и амбулантните возила што носат пациенти и бегалските кампови. Затоа, кој може да тврди дека Вашингтон игра конструктивна улога во конфликтот, имајќи предвид дека тие самите се соучесници во овој грозоморен чин?“
„Непоколебливата поддршка дадена на Тел Авив од земја што се прокламира себеси 'како лидер на Западот' води до продлабочување на израелско-палестинскиот конфликт, па дури и претставува закана за глобалниот мир и поредок“, рече Ердоган.
„Туркије ги повикува сите земји што сакаат праведен, траен мир за регионот и за светот да го слушаат крикот на народот за мир, а не да го замолчуваат“, рече таа и додаде: „Тие треба да ги мобилизираат сите свои ресурси за да се стави крај на конфликтите и да ги повикаме сите страни да го почитуваат меѓународното право.“
„Анкара, исто така, им дава приоритет на воспоставувањето прекин на огнот и продолжувањето на испораката на хуманитарна помош, пред сè, друго“, рече првата дама на Туркије.
„Израелската политика на блокирање на помошта е наменета за регионот“, изјави Ердоган. „Ја отфрламе казната изречена за Газа која веќе е опустошена и за невините граѓани што живеат таму.“
„Црвената линија на секој совесен човек треба да биде животот на невин човек одземен за злосторство што не го сторил или солза на бебиња или детскиот плач: „Сакам да живеам“.
„Кога хемиското оружје беше фрлено врз децата, кога цивилните населби, вклучително и институциите на ОН беа цел и кога хуманитарните работници бараа помош со писма, требаше да се премине црвената линија за сите нас. Во нашата религија убиството на невина личност е слична на 'смртта на човештвото'“, рече Ердоган.
За молкот на глобалната заедница во однос на нападите што траат со недели, таа рече: „Туркије ќе се бори за светот да разбере дека им пружа рака на луѓето со сочувство и ги гледа како суштински важни, без оглед на јазикот, религијата или етничката припадност.“
„Ќе сториме сè за да ги вратиме довербата, стабилноста и мирот во регионот и во светот.“
Анкара го поддржува дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, вклучително и формирањето палестинска држава со главен град Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа - вклучително болници, домови, места за богослужба - по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Во израелските напади врз Газа досега загинаа најмалку 13.300 Палестинци, од кои 5.600 деца и 3.550 жени.
Илјадници згради, вклучително болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во немилосрдните воздушни и копнени напади на Израел врз опколената енклава.
Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.