Рубио: САД може да го преиспитаат односот со НАТО по војната со Иран
„По завршувањето на овој конфликт ќе мора да го преиспитаме тој однос. Ќе мора да ја преиспитаме вредноста на НАТО и на таа алијанса за нашата земја“
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) би можеле да ја преиспитаат вредноста на своето членство во НАТО по завршувањето на војната со Иран, изјави државниот секретар Марко Рубио, укажувајќи на растечкото незадоволство од односот на сојузниците, пренесува Анадолу.
„По завршувањето на овој конфликт ќе мора да го преиспитаме тој однос. Ќе мора да ја преиспитаме вредноста на НАТО и на таа алијанса за нашата земја“, изјави Рубио во интервјуто за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека конечната одлука ќе ја донесе претседателот на САД.
Рубио ги критикуваше сојузниците во НАТО поради одбивањето да дозволат користење на нивните воени бази за потребите на американските операции.
„Не бараме од нив да извршуваат воздушни напади. Кога ни треба да ни дозволат да ги користиме нивните воени бази, нивниот одговор е ‘Не’. Тогаш зошто сме во НАТО?“, рече тој.
Иако нагласи дека долго време бил „еден од најсилните бранители на НАТО“, Рубио посочи дека Алијансата ѝ овозможила на Америка глобално проектирање на моќ преку базите во Европа, но предупреди дека постои ризик таа да стане „еднонасочна улица“.
„Зошто имаме толку многу американски сили стационирани во регионот ако во време на потреба нема да ни биде дозволено да ги користиме тие бази?“, додаде тој.
Изјавите на Рубио доаѓаат во момент кога неколку европски сојузници одбија или го ограничија учеството во американските активности поврзани со војната против Иран, наведувајќи загриженост за легитимноста на операциите и недостигот од консултации во рамките на НАТО.
Неодамна Италија го одби барањето на САД за слетување на воен авион во база на Сицилија, а Шпанија не дозволи да се користат нејзините бази и воздушниот простор за операции поврзани со војната.
Други сојузници, меѓу кои Обединетото Кралство, Франција и Германија, ја ограничија својата улога на одбранбена поддршка на регионалните партнери и повеќепати повикаа на деескалација на тензиите.
