Пет децении посветеност: Турскиот мајстор Мустафа 58 години им дава живот на радијата
- Во историската чаршија Араста во Општина Ментеше, во турската западна област Мугла, 72-годишниот Бекташ продолжува да ја практикува професијата радиомеханичар, занает што полека се заборава
МУГЛА (АА) – Турскиот мајстор Мустафа Бекташ веќе 58 години во својата работилница од шест квадратни метри поправа радија, касетофони и грамофони и посетителите ги носи на патување низ историјата, пишува Анадолу.
Во историската чаршија Араста во Општина Ментеше, во турската западна област Мугла, 72-годишниот Бекташ продолжува да ја практикува професијата радиомеханичар, занает што полека се заборава.
Како последен мајстор во историската чаршија, познат како радиомеханичарот Мустафа, се спротивставува на развојот на технологијата и предизвиците што таа ги носи.
Мустафа Бекташ на дописникот на АА му раскажа дека со оваа професија започнал уште на 14-годишна возраст, охрабрен од неговиот тогашен мајстор-учител, а до ден-денес се усовршува во занаетот.
Бекташ истакна дека во последниве години, особено во занаетите што полека заминуваат во заборав, не се обучуваат нови ученици, додавајќи: „Веќе 47 години ја практикувам мојата професија во сопствена работилница во историската чаршија. Веќе 58 години се занимавам со поправка на радија. Радиото има многу посебни карактеристики. Пред многу години единствена забава на луѓето беше да слушаат вести и музика на радио. Луѓето се собираа во селските кафулиња за да ги слушаат агенциските вести од радиото.“
Бекташ рече дека во старите радија немало станици на долги и кратки фреквенции, но тој им поставил ФМ-предавател за да можат љубителите да слушаат емитување во живо.
Стариот начин на живот, пред целосната дигитализација, е живеење на кое се навраќаат сѐ повеќе луѓе. Токму поради тоа, Бекташ има сѐ повеќе клиенти што имаат потреба од поправка на радиокасетофони, додавајќи: „Па, луѓето имаат стотици касети.“
Бекташ раскажа дека во 1970-тите години, особено луѓето што живееле во селата, кога ќе се расипеле нивните радија, со автобус ги праќале до градот, а за бидат сигурни во експедитивноста на поправката како поткуп праќале домашни производи, на пример, јајца.
Тој нагласи дека поправката на радија е многу убав занает, велејќи дека некогаш радиото може да го поправи за 10 минути, а понекогаш му е потребно да работи со денови.
Мустафа Бекташ рече дека приближно 2.000 радија, касетофони и грамофони што ги собирал во текот на половина век ѝ ги донирал на Општина Ментеше за да не завршат како старо железо, а општината ги изложува во своите културни центри. Бекташ додаде дека ќе продолжи да го работи занаетот сѐ додека му дозволува здравјето.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
