Турција

Пендаровски се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул

Вартоломеј упати благодарност до Пендаровски за неговата посета, посакувајќи неговата посета на Турција да има добри резултати.

Mehmet Kara  | 19.06.2021 - Обновена : 21.06.2021
Пендаровски се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул ( Foto: Esra Bilgin / Anadolu Agency )

ИСТАНБУЛ

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Истанбул оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пендаровски во рамки на неговата работна посета на Република Турција ја посети црквата „Свети Ѓорѓи“ во Истанбул, каде што доби информации за оваа црква.

По посетата на црквата, Пендаровски се состана со Вартоломеј. Претседателот на Северна Македонија изрази задоволство што се наоѓа во Турција, каде што рече дека реализирал посети и имал различни средби.

„Упатувам благодарност до вас што во услови на пандемија го прифативте нашиот предлог за реализирање средба. Пред 19 години ја посетив Патријаршијата. Тогаш ми подаривте крст за мојата сопруга и за моето тогаш сè уште неродено дете, и упативте молитви за нив. Беше убав спомен. Многу сум среќен што повторно се сретнав со вас“, рече Пендаровски, упатувајќи благодарност до Вартоломеј за оваа средба.

Од друга страна, Вартоломеј упати благодарност до Пендаровски за неговата посета, посакувајќи неговата посета на Турција да има добри резултати.

„За нас е особено важно и среќно што постојат добри односи помеѓу Северна Македонија и Турција. Вашето присуство на Дипломатскиот самит во Анталија е индикатор на овие добри односи. Ќе се молиме вие и целиот свет да живеете во мир, и мирот помеѓу соседните земји да биде постојан. Го поддржуваме мирот помеѓу земјите од Балканот. Посакуваме сите земји од Балканот да влезат во Европската Унија. Исто така, посакуваме и Турција, која веќе долго време е кандидат, да стане членка на Европската Унија. Како Вселенска патријаршија, го поддржуваме членството на Турција во Европската Унија“, рече Вартоломеј.

По тет-а-тет средбата, делегацијата на Северна Македонија и службениците од Патријаршијата се фотографираа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.