Ердоган и Мицотакис се согласија да ги подобрат билатералните односи и да се фокусираат на позитивната агенда
Освен за билатералните односи, многу регионални и глобални случувања, вклучително и најновите геополитички прашања и реперкусии од рускиот напад на Украина, беа дискутирани на средбата одржана помеѓу двајцата лидери

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премер Кирјакос Мицотакис се согласија да ги подобрат билатералните односи и да се фокусираат на позитивната агенда, соопшти Одделот за комуникации при турското Претседателство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Освен за билатералните односи, многу регионални и глобални случувања, вклучително и најновите геополитички прашања и реперкусии од рускиот напад на Украина, беа дискутирани на средбата одржана помеѓу двајцата лидери, се додава во соопштението.
„На средбата е истакнато дека Турција и Грција имаат посебна одговорност за безбедносната архитектура на Европа која е сменета со рускиот напад врз Украина“, се вели во соопштението.
Станало збор и за заедничките и регионалните придобивки од зголемувањето на соработката помеѓу двете земји.
Двајцата лидери, исто така, се согласија да ги подобрат билатералните односи и да ги задржат отворени каналите за комуникација, и покрај несогласувањата помеѓу земјите.
На средбата се разговараше и за чекорите кои треба да се преземат за да се достигне обемот на трговска размена од 10 милијарди долари.
Повторувајќи ги чекорите на Турција за отворање нова страница во билатералните односи, Ердоган му рече на Мицотакис дека верува во напредокот на прашањата поврзани во Егејското Море, борбата против тероризмот и нерегуларната миграција.
„Прашањата можат да се решат преку искрен дијалог и затоа двете соседни земји секогаш треба да одржуваат дијалог не само за време на криза“, додаде турскиот претседател.
Според Кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис подоцна се сретнал и со Патријархот Вартоломеј во грчкиот Конзулат и ја оценил неговата средба со Ердоган.
„Како двајца сојузници на НАТО ние се соочуваме со многу заеднички проблеми во таков период што се согласивме дека е поважно да се фокусираме на проблемите кои нè обединуваат отколку на проблемите што нè разделуваат“, Кабинетот ја цитираше изјавата на премиерот.
На средбата беше истакнато создавањето на позитивна агенда за многу прашања, особено во економијата, рече тој додавајќи: „Јас мислам дека можеме да направиме значителен напредок во месеците кои следат. Ако сè биде во ред, се надевам ќе одржиме Совет за соработка на високо ниво во Грција наесен“.
Тој кажа дека имале многу отворена и искрена средба со Ердоган.
„Јас верувам дека ги поставивме основите за подобрување на нашите билатерални односи и соработка, особено осврнувајќи се на главните проблеми со кои во моментот се соочуваме.“