Македонската фудбалска репрезентација ја победи Италија
Со оваа победа над Италија, „црвено-жолтите“ се изборија за меч против Португалија. Доколку победат, тоа ќе значи пласман на Светското првенство во Катар

СКОПЈЕ (АА) - Македонската фудбалска репрезентација го победи европскиот шампион Италија со резултат 0:1 во плејоф полуфиналето за пласман на Светското првенство во Катар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во продолжението од второто полувреме, напаѓачот Александар Трајковски упати удар од 25 метри, а италијанскиот голман Донарума беше немоќен да го одбрани прецизниот удар на Трајковски.
Во текот на целиот натпревар избраниците на селекторот Благоја Милевски играа внимателно во одбраната и создадоа неколку контра напади преку кои се обидоа да дојдат до предност против евроспкиот фудбалски првак Италија. Италијанците постојано напаѓаа,но голманот Столе Димитриевски беше на висина на задачата и успеа да ги одбрани упатените удари кон неговиот гол.
Со оваа победа над Италија, на натпреварот што се играше на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, „црвено-жолтите“ се изборија за меч против Португалија. Доколку победи репрезентацијата на Северна Македонија тоа ќе значи пласман на Светското првенство, што би било прво учество на репрезентацијата на едно светско фудбалско првенство.