Путин ја забрани примената на одлуки на странски судови во Русија, ги прошири надлежностите на воените судови
Законите беа потпишани како дел од пакет од повеќе од десетина законски акти, многу од нив поврзани со меѓународните односи и конфликтот во Украина
МОСКВА (АА) – Рускиот претседател Владимир Путин денес потпиша низа закони, меѓу кои и закон со кој се забранува спроведување пресуди од странски судови во Русија, како и закон со кој се прошируваат надлежностите на воените судови, вклучително и над странски државјани и лица без државјанство, јавува Анадолу.
Законите беа потпишани како дел од пакет од повеќе од десетина законски акти, многу од нив поврзани со меѓународните односи и конфликтот во Украина. Сите беа објавени на официјалниот владин портал.
Со измените на Законот за судскиот систем на Руската Федерација се забранува извршување одлуки на странски кривични судови и меѓународни судски тела, освен ако тие не се базираат врз меѓународен договор на Русија или на обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Одделни измени предвидуваат проширување на надлежностите на воените судови, кои сега ќе може да им судат и на странски државјани и лица без државјанство за кривични дела извршени за време на воена служба, обука или учество во доброволни формации. Овие измени следуваат по неодамнешните политички одлуки со кои се овозможува лица без државјанство да им се придружат на руските вооружени сили.
Путин, исто така, потпиша закон за одобрување договор за екстрадиција со Мозамбик, како и закон за ратификација на договор за основите на односите со Мали.
Во економската сфера, претседателот потпиша закон со кој се ратификува привремен трговски договор меѓу Евроазиската економска унија, нејзините земји членки и Монголија. Договорот предвидува либерализација на трговијата со одредени стоки, при што годишниот обем на трговија се проценува на 2,3 милијарди долари.
Дополнително, Путин потпиша закон со кој 19 април се прогласува за нов национален меморијален ден – Ден на сеќавање на жртвите од геноцидот врз советскиот народ. Потпишан е закон со кој официјално се утврдува вклучувањето крстови во државниот грб на Русија, како симбол на православната христијанска вера на мнозинството од населението.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
