свет

Португалија и Шпанија се борат со повеќе шумски пожари поради високите температури

– Португалија и Шпанија се борат со повеќе шумски пожари што се разгоруваат поради високите температури, силните ветрови и сувите услови, при што властите на Пиринејскиот Полуостров предупредуваат на екстремен ризик од пожари

Necva Taştan Sevinç  | 30.07.2025 - Обновена : 01.08.2025
 Португалија и Шпанија се борат со повеќе шумски пожари поради високите температури

ИСТАНБУЛ (АА) – Португалија и Шпанија се борат со повеќе шумски пожари што се разгоруваат поради високите температури, силните ветрови и сувите услови, при што властите на Пиринејскиот Полуостров предупредуваат на екстремен ризик од пожари, јавува Анадолу.

Во Португалија беснеат повеќе пожари на северните и централните делови на земјата, објави „Ел Конфиденсијал“.

Националната служба за цивилна заштита соопшти дека се регистрирани 132 пожари – најголем број досега годинава.

На терен се распоредени речиси 2.700 пожарникари и 29 воздушни единици.

Поради пожарите преземени се евакуации и има повредени, а 20 лица, меѓу кои 14 пожарникари, се третирани од брзата помош.

Најсериозни пожари се регистрирани во областите Ароука, Пенафиел, Понте де Лима, Пенамакор и Понте да Барка.

Некои пожари што претходно биле ставени под контрола повторно се разгореле поради ветерот и континуираната жештина.

Португалскиот Институт за море и атмосфера го означи целиот регион со „многу висок“ или „максимален“ ризик од пожар.

Според прелиминарните податоци на Институтот за шуми на Португалија, од почетокот на 2025 година досега се изгорени над 22.000 хектари шумска површина.

И Шпанија влегува во нова сезона на пожари, при што температурата неделава се очекува да достигне и до 40 Целзиусови степени.

Шпанската Агенција за заштита на животната средина предупреди на високи температури, силни ветрови и врнежи што може дополнително да ја влошат состојбата.

Најкритична е состојбата во покраината Авила, каде што вчера избувна голем пожар во областа Куевас дел Ваље.

Населбата Ел Аренал е ставена во целосен карантин, а пожарникарите се фокусирани на гаснење на пожарот.

Регионот Кастиља и Леон информираше дека силните ветрови го разгореле пожарот, што дополнително ги отежнува напорите за гаснење.

На терен се ангажирани 161 војник и 59 возила, вклучително и засилувања од Леон. Употребени се дронови и воздушна поддршка за следење на огнот.

Во областа Касерес евакуирани се околу 200 жители од неколку села, вклучително и Камброн, Авељанар и Каминомориско. Над 180 лица од службите за итни случаи, меѓу кои и 105 војници од воената единица за итни случаи, се борат со огнот.

Пожарот во Фуледа, Лерида, синоќа е ставен под контрола, а изгореа 13,5 хектари. На терен се десет екипи со поддршка од еден хеликоптер.

Во соседна Франција, регионот Буш дy Рон прогласи висок ризик од пожари.

Метео Франс го стави департманот под портокалова тревога, со што е забранет пристап до шест шумски масиви, меѓу кои и Алпил и Шамбремон.

Во регионот Вар, седум од деветте шумски зони се под висок ризик од пожар, а јавноста е повикана да не се приближува.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.