Нападите на САД и Израел предизвикаа прекини на електрична енергија во главниот град на Иран
- Ракетните напади извршени вчера предизвикале значителна штета на електроенергетската мрежа во делови на Техеран и Алборз
ТЕХЕРАН (АА) – Масовни прекини на електрична енергија денес се пријавени во повеќе делови на Иран по американско-израелските воздушни напади врз Техеран и соседната покраина Алборз, јавува Анадолу.
Според државната новинска агенција ИРНА, ракетните напади извршени вчера предизвикале значителна штета на електроенергетската мрежа во делови на Техеран и Алборз.
Жителка на Караџ, која не го кажа своето име, за Анадолу изјави дека морала да се пресели во куќата на роднина во Гилан, северен Техеран, по прекинот на електричната енергија.
ИРНА цитираше официјален претставник на иранската електроенергетска управа, кој вели дека веднаш по нападот оперативни тимови од електродистрибуцијата биле испратени на погодените локации.
Тимовите започнале технички и итни процедури за „процена, обезбедување и обновување на оштетените делови на мрежата“. Во рок од неколку часа оштетените делови од електроенергетскиот систем биле стабилизирани и повторно пуштени во функција.
Во вчерашното бомбардирање силно е погоден Техеран, како и други големи градови, меѓу кои Исфахан и Табриз, при што е предизвикана голема материјална штета.
Според сведоштва на жители, станувало збор за едно од најинтензивните бомбардирања откако започна војната на 28 февруари.
Во Техеран, густо населените јужни населби, како Шахр-е Реј и Караџ, биле меѓу најтешко погодените.
Бројот на убиени во американско-израелската војна против Иран, која трае 11 дена, надмина 1.300 лица, а повеќе од 10.000 се повредени.
