„Мора да ја зголемиме нашата моќ на одвраќање“, истакна германскиот канцелар Мерц
- „Нашето партнерство со Соединетите Американски Држави, кои долго време беа сигурен гарант за нашата безбедност, се менува. За нас, Европејците, ова значи дека треба уште посилно да ги браниме и заштитиме нашите интереси со сопствени сили.“
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека партнерството меѓу САД и Европа се менува, што значи дека тие треба посилно да ги бранат сопствените интереси и додаде: „Мора да ја зголемиме нашата моќ на одвраќање“, известува Анадолу.
Канцеларот Мерц објави видеопорака по повод Нова година.
Во пораката Мерц вели:
„Нашето партнерство со Соединетите Американски Држави, кои долго време беа сигурен гарант за нашата безбедност, се менува. За нас, Европејците, ова значи дека треба уште посилно да ги браниме и заштитиме нашите интереси со сопствени сили.“
Зборувајќи дека во Европа беснее ужасна војна, Мерц додаде:
„Оваа војна директно ги загрозува нашата слобода и безбедност. Нашата економија е под притисок поради неопходните реформи, високите трошоци и глобалните трговски конфликти. Освен тоа, новите технологии од корен го менуваат нашиот работен живот и заедничкото живеење.“
Истакнувајќи дека војната меѓу Русија и Украина директно влијае врз нив, тој продолжи со зборовите:
„Сè појасно гледаме дека агресијата на Русија беше и сè уште е дел од планот насочен кон цела Европа. И Германија секојдневно е подложна на саботажа, шпионажа и кибернапади.“
Нагласувајќи го враќањето на протекционизмот во глобалната економија, Мерц рече:
„Нашата стратегиска зависност од суровини сè повеќе се користи како алатка за политички притисок, што е спротивно на нашите интереси. Овие геополитички промени во значителна мера влијаат врз нашиот просперитет, а ние ова особено го чувствуваме како земја извозник. Во ваква ситуација, потребни ни се креативноста и продуктивноста на нашата економија. Сепак, доцнењето со домашните реформи го парализира потенцијалот на нашите компании. За нив станува сè потешко да останат на нозе пред меѓународната конкуренција.“
Мерц изјави дека германското општество старее, а тоа носи социјални предизвици.
Нагласувајќи дека надминувањето на секој предизвик е во нивни раце и дека тие не се играчка за големите сили, Мерц истакна:
„Мора да ја зголемиме нашата моќ на одвраќање. Сакаме да ги зголемиме нашите одбранбени капацитети за да не мора да се браниме.“
Потсетувајќи дека Германија и Европа донеле важни одлуки за доследно намалување на нерегуларната миграција, Мерц во пораката наведува:
„Уште еднаш сами одлучуваме кој влегува во нашата земја, а кој е принуден да ја напушти. Создадовме нови стимулации за легална и регуларна миграција, а во исто време ги затворивме патиштата за нелегална и нерегуларна миграција. За нас, хуманоста и редот се две страни од иста монета.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
