„Лекари без граници“ повика паравоените сили во Судан да им дозволат на цивилите да го напуштат Ел-Фашер
„Итно ги повикуваме РСФ и сојузничките вооружени групи да ги поштедат цивилите и да им дозволат да заминат од Ел-Фашер“
ИСТАНБУЛ (АА) – Организацијата „Лекари без граници“ (МСФ) вчера ги повика паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и вооружените групи сојузнички веднаш да им дозволат на цивилите да го напуштат градот Ел-Фашер, во северниот дел на Дарфур, бидејќи таму состојбата драстично се влошува, а насилствата врз жителите се зголемуваат, јавува Анадолу.
„Итно ги повикуваме РСФ и сојузничките вооружени групи да ги поштедат цивилите и да им дозволат да заминат од Ел-Фашер“, изјави Мишел Оливие Лашарите, раководител на одделот за итни ситуации на МСФ, во соопштението објавено на платформата Х.
Тој, исто така, ги повика членките на таканаречениот „квартет“ - САД, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет - да ја искористат својата влијателна позиција „за да го запрат крвопролевањето“ во градот.
Организацијата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и предупреди дека меѓународната заедница „не смее да сврти поглед“ додека хуманитарната криза во Ел-Фашер станува сè поголема.
На 26 октомври РСФ ја презеде контролата врз градот Ел-Фашер во државата Северен Дарфур и, според локални и меѓународни организации, изврши масакри врз цивилите.
Нападот, како што предупредуваат аналитичарите, би можел дополнително да ја зацврсти територијалната поделба на Судан.
Од 15 април 2023 година суданската армија и РСФ се во вооружен конфликт што, и покрај регионалните и меѓународните обиди за посредување, сè уште не е прекинат.
Според податоците на ОН и локалните извештаи, досега во војната се убиени околу 20.000 луѓе, а повеќе од 15 милиони се раселени – дел како бегалци, дел како внатрешно раселени лица.
