свет

Суданската армија ги интензивираше воздушните напади врз позициите на паравоените РСФ во Дарфур и Северен Кордофан

- Претседателот на Преодниот суверен совет на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан вчера ја потврди посветеноста на армијата да ги елиминира РСФ и да се одмазди за, како што рече, „пролевањето цивилна крв“

Betül Yılmaz  | 06.11.2025 - Обновена : 06.11.2025
Суданската армија ги интензивираше воздушните напади врз позициите на паравоените РСФ во Дарфур и Северен Кордофан

ИСТАНБУЛ (АА) – Суданската армија денес изврши воздушни напади врз позициите на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) во државите Централен Дарфур и Северен Кордофан, во услови на засилени судири во војната што трае повеќе од една и пол година, објавија локални медиуми, пренесува Анадолу.

Според новинската агенција Ал-Машат ал-Судани, суданските воени авиони ги гаѓале позициите на РСФ во овие две држави, при што армијата ја проширила воздушната офанзива, со цел да ја уништи борбената структура на паравоената група.

Во изминатите денови суданската армија ги засили копнените и воздушните напади во обид да ги протера силите на РСФ од областите што неодамна ги зазедоа.

Претседателот на Преодниот суверен совет на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан вчера ја потврди посветеноста на армијата да ги елиминира РСФ и да се одмазди за, како што рече, „пролевањето цивилна крв“ од страна на паравоената група во градот Ел-Фашер и други градови.

Паравоената група, пак, тврди дека неколку дронови, кои биле лансирани од „странска база“, извршиле напади врз градот Залингеи, главниот град на Централен Дарфур, и врз Кабкабија во Северен Дарфур.

РСФ го зазедоа Ел-Фашер, главниот град на Северен Дарфур, на 26 октомври, а според локални и меѓународни организации, притоа извршиле масакри врз цивилите - што предизвика предупредувања дека преземањето на градот може да доведе до трајна географска поделба на земјата.

Кон крајот на октомври РСФ соопштија дека го зазела градот Бара во Северен Кордофан, што предизвика бегство на повеќе од 4.500 жители, меѓу наводите за сериозни злоупотреби. Градот се наоѓа во близина на Ел-Обеид, стратегиски главен град на регионот, кој сè уште е под контрола на армијата, но силите на РСФ напредуваат.

Од вкупно 18 судански држави, во моментов РСФ контролираат пет држави во регионот Дарфур на запад, освен неколку северни подрачја што сè уште се под управа на армијата.

Суданската армија, пак, владее со поголем дел од останатите 13 држави на југ, север, исток и централниот дел на земјата, вклучително и главниот град Картум.

Од 15 април 2023 година суданската армија и паравоените сили на РСФ водат крвава војна, која досега не успеаја да ја прекинат многубројни регионални и меѓународни посредувања. Конфликтот однесе илјадници животи и расели милиони луѓе од нивните домови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.