Melike Pala
20 Ноември 2025•Ажурирај: 21 Ноември 2025
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија денес објави усвојување санкции за Абделрахим Дагал, вториот командант на суданските Сили за брза поддршка (РСФ), како дел од напорите одговорните за злосторствата во земјата да се повикаат на одговорност, известува Анадолу.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, во обраќањето пред новинарите по состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, истакна дека овој потег праќа „сигнал“ дека меѓународната заедница ќе ги гони лицата одговорни за ескалацијата на насилството во Судан.
„Ситуацијата нагло се влошува. Освојувањето на Ел-Фашер од страна на Силите за брза поддршка отвора уште едно разорно поглавје во оваа војна. Во конфликтот животот го загубија илјадници лица и донесе огромно страдање“, рече Калас.
Таа додаде дека сите 27 земји членки на ЕУ ги повикаа страните да ги продолжат преговорите за итен и траен прекин на огнот.
Калас ги поздрави и меѓународните напори за зачувување на мирот, вклучително и оние на САД, насочени кон ставање крај на континуираните човечки страдања во Судан.
Блокот излезе со соопштение во кое ги осуди делата извршени од РСФ, вклучително и намерното таргетирање на цивили, етничките убиства, сексуалното и родово базираното насилство и попречувањето на пристапот до хуманитарна помош.
Граѓанската војна меѓу суданската армија и РСФ продолжува од април 2023 година и таа предизвика илјадници смртни случаи, присилна миграција и глад.
- Став за Газа и Украина
Во врска со Газа, Калас рече дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се одобрува прекин на огнот и мировниот план од 20 точки за Газа „ја менува играта“, истакнувајќи дека персоналот на ЕУ веќе работи во координативен центар што се занимава со хуманитарни и безбедносни прашања.
Таа истакна дека министрите разговарале за проширување на мисијата на ЕУ за следење на границите во Рафа и на други гранични премини и потенцијалот мисијата на ЕУ за поддршка на полицијата да ја води обука за палестинската полиција.
„Го поздравувам тоа што Франција вети 100 полицајци за таа мисија“, додаде Калас.
Осврнувајќи се на тековната војна во Украина, таа рече дека ставот на ЕУ за Украина останува непроменет, нагласувајќи дека секој мировен план мора да има поддршка и од Киев и од европските нации.
„Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата само ќе предизвика уште поголема агресија“, рече Калас, зборувајќи за двојната стратегија на ЕУ: прво, да ја ослабне Русија и, второ, да ја поддржи Украина.
Калас истакна дека постојните санкции имаат значително влијаат врз Русија и дека се планираат дополнителни мерки. Посебно внимание ѝ се посветува на таканаречената „флота во сенка“, со дискусии за таргетирање и на бродови и на оние што им го овозможуваат тоа.
Иако финансирањето на Украина не се дискутираше формално за време на состанокот, Калас рече дека неколку земји изразиле поддршка за заемот за репарации и итната потреба да се продолжи со него.