свет

Израелски доселеници запалија палестински дом на окупираниот Западен Брег

Доселениците напишале и расистички графити на ѕидовите на куќата

Aida Cako  | 24.03.2026 - Обновена : 24.03.2026
 Израелски доселеници запалија палестински дом на окупираниот Западен Брег

ХЕБРОН (АА) – Израелски доселеници рано утринава запалија палестински дом во областа Масафер Јата, јужно од Хеброн, што активистите го опишаа како дел од континуираната ескалација на нападите врз Палестинците и нивниот имот на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.

Фуад Амур, активист што го пријавува насилството на доселениците, изјави дека тие извршиле рации во неколку заедници во Масафер Јата и ја запалиле куќата на Баџис Ибрахим Мухамед Рабаи во селото Тувани.

Не се пријавени повредени лица во инцидентот.

Амур за Анадолу изјави дека доселениците, исто така, напишале расистички графити на ѕидовите на куќата.

Активистите предупредуваат на пораст на насилството од страна на доселениците во оваа област, посочувајќи на зачестените напади врз домовите и земјоделското земјиште, како и на зголемените ризици со кои се соочуваат палестинските жители.

Според Комисијата за отпор против ѕидот и населбите на Палестинската самоуправа, доселениците извршиле 511 напади низ Западниот Брег само во текот на февруари.

Комисијата соопшти дека седуммина Палестинци биле убиени од оган на доселениците во периодот од крајот на февруари до вчера.

Палестинските податоци укажуваат дека од почетокот на војната во Газа на 8 октомври 2023 година, во насилството на израелските сили и доселениците на Западниот Брег се убиени 1.133 Палестинци, повредени се околу 11.700, а приведени се речиси 22.000 луѓе.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.