свет

ЕУ не успеа да постигне договор за користење на замрзнатите руски средства за Украина

„На секои шест месеци постоеше закана дека само една земја членка нема да се согласи со санкциите. Со тоа продолжувањето на санкциите и имобилизираните руски средства ќе исчезнеа“

Necva Taştan Sevinç, Burç Eruygur  | 19.12.2025 - Обновена : 19.12.2025
 ЕУ не успеа да постигне договор за користење на замрзнатите руски средства за Украина

ИСТАНБУЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија (ЕУ) не успеаја да постигнат договор за директно користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина, туку се согласија за пакет заем од ЕУ во вредност од 90 милијарди евра за покривање на финансиските потреби на Киев за следните две години, изјави ранo утринава шефицата на Европската комисија, јавува Анадолу.

Зборувајќи по состанокот на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен рече дека земјите членки се согласиле да соберат 90 милијарди евра преку задолжување на ЕУ на пазарите на капитал за 2026 и 2027 година, но призна дека не е постигнат консензус за распоредување на имобилизираните руски средства.

„Претпоставувам дека немавме храброст или политички напредок трајно да ги имобилизираме руските средства“, рече таа.

Фон дер Лајен потсети дека до одлуката донесена минатата недела замрзнувањето на средствата мораше да се обновува на секои шест месеци, што го правеше подложно на евентуално вето од една земја членка.

„На секои шест месеци постоеше закана дека само една земја членка нема да се согласи со санкциите. Со тоа продолжувањето на санкциите и имобилизираните руски средства ќе исчезнеа“, изјави таа.

„Сега тие се осигурани трајно и можат повторно да се мобилизираат само со квалификувано мнозинство“, додаде Фон дер Лајен.

И покрај тој чекор, лидерите не се согласија директно да ги користат средствата за финансирање на Украина. Наместо тоа, земјите членки го поддржаа задолжувањето на ЕУ, поддржано со буџетски простор, во комбинација со условен механизам за отплата.

„Украина ќе треба да ги врати заемите само доколку Русија плати репарации. Доколку не се случи тоа, Украина нема обврска да ги врати заемите“, истакна Фон дер Лајен.

Таа, исто така, нагласи дека единството на ЕУ останува цврсто и покрај загриженоста од замор.

„Денес, на пример, имавме продолжување на санкциите – 19 пакети санкции, продолжени едногласно“, рече таа, оценувајќи ја поддршката на Унијата за Украина во речиси четирите години од војната, која започна во февруари 2022 година, како „импресивна“.

Коментирајќи ја одлуката на Европскиот совет за обезбедување 90 милијарди евра за Киев, украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази благодарност до лидерите на ЕУ, нарекувајќи ја одлуката „значајна поддршка што навистина ја зајакнува нашата отпорност“.

„Важно е што руските средства остануваат имобилизирани и што Украина доби финансиска безбедносна гаранција за наредните години. Ви благодарам за резултатот и за единството. Заедно ја браниме иднината на нашиот континент“, напиша Зеленски на платформата на американската компанија за социјални мрежи X.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.