свет

ЕУ: Законот за смртна казна во Израел е „јасен чекор наназад“

Израелскиот парламент, Кнесет, вчера усвои закон со кој смртната казна станува стандардна казна за Палестинците на окупираниот Западен Брег осудени за смртоносни напади врз Израелци

Melike Pala  | 31.03.2026 - Обновена : 31.03.2026
 ЕУ: Законот за смртна казна во Израел е „јасен чекор наназад“

БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) изрази силна загриженост поради усвоениот закон за смртна казна во Израел, оценувајќи дека станува збор за „јасен чекор наназад“ во однос на човековите права и демократските обврски, јавува Анадолу.

Говорејќи на редовниот брифинг денес портпаролот на ЕУ, Ануар ел-Ануни, изјави дека воведувањето смртна казна е длабоко загрижувачко, особено поради, како што рече, „дискриминаторската природа“ на законот.

„Законот за смртна казна во Израел е многу загрижувачки за нас во ЕУ. Ова е јасен чекор наназад, воведување смртна казна заедно со дискриминаторската природа на законот“, изјави тој.

Ел-Ануни нагласи дека Европската Унија се спротивставува на смртната казна „во сите случаи и под сите околности“, оценувајќи ја како нарушување на фундаменталното право на живот.

Израелскиот парламент, Кнесет, вчера усвои закон со кој смртната казна станува стандардна казна за Палестинците на окупираниот Западен Брег осудени за смртоносни напади врз Израелци. Премиерот Бенјамин Нетанјаху гласаше за поддршка на законот.

Во согласност со законот, смртната казна бесење ќе ја извршуваат службеници во затворот назначени од Израелската затворска служба, при што лицата вклучени во процесот ќе имаат анонимност и правен имунитет.

Во законот се предвидува и преместување на лицата осудени на смрт во специјални објекти, ограничување на посетите само на лица што имаат дозвола, како и на контактите со адвокатите, кои ќе се одвиваат исклучително преку видеокомуникација.

Судовите ќе можат да изрекуваат смртни казни без барање од обвинителите и нема да биде потребна едногласна одлука, при што ќе бидат дозволени пресуди со просто мнозинство.

Законот се однесува и на воените судови што ги разгледуваат случаите на Палестинците на окупираниот Западен Брег, а на министерот за одбрана му се дава право да даде мислење пред судот.

Во законот, исто така, се исклучува можноста за жалба по изрекувањето смртна казна.

„Ова претставува јасен негативен тренд во однос на обврските на Израел за почитување на човековите права“, нагласи Ел-Ануни.

Тој потсети дека Израел долго време одржувал де факто мораториум на извршувањето смртни казни и нивно изрекување, позиционирајќи се како пример во регионот и покрај безбедносните предизвици.

Ел-Ануни додаде дека шефицата на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, продолжува да одржува редовни контакти со израелските претставници во рамките на тековните дипломатски ангажмани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.