Експерти на ОН: Со нападите врз Иран и Либан се крши меѓународното право
„Се ризикува конфликтот да го вовлече поширокиот регион во катастрофално вооружено насилство и се заканува да создаде уште еден преседан на целосна неказнивост за некои од најмоќните воени сили во светот“
ЖЕНЕВА (АА) – Експерти за човекови права на Обединетите нации (ОН) соопштија дека со тековните воени напади на САД и Израел врз Иран и Либан се прекршува меѓународното право и создаваат ризик од поширока вооружена ескалација на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
„Се ризикува конфликтот да го вовлече поширокиот регион во катастрофално вооружено насилство и се заканува да создаде уште еден преседан на целосна неказнивост за некои од најмоќните воени сили во светот“, се наведува во соопштението на експертите објавено вчера.
Тие посочија дека „неиспровоцираниот“ напад врз Иран од САД и Израел, додека дипломатските преговори сè уште биле во тек, „е целосно незаконски според меѓународното право и претставува акт на агресија“.
„САД и Израел треба да престанат да водат и да прошируваат војни и да се однесуваат како да се над меѓународната законитост“, додаваат експертите.
Експертите, исто така, изразија загриженост поради барањето на САД за „безусловна капитулација“ на Иран, предупредувајќи дека тоа би можело да доведе до продолжување на војната и до „огромно“ човечко страдање.
Тие повикаа на истраги за можни сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, посочувајќи на напади, меѓу кои и нападот врз училиштето за девојчиња во Иран, во кој, според нивни податоци, загинале најмалку 180 ученички.
Во исто време експертите предупредија дека и со одмаздничките напади на Иран врз цивилни цели се прекршува меѓународното хуманитарно право и мора да престанат.
Експертите повикаа на итен прекин на огнот и одржување меѓународна мировна конференција во врска со иднината на регионот.
