свет

Јапонија ги одобри првите терапии со ИПС-клетки за срцева слабост и Паркинсонова болест

- Условното одобрување претставува глобална пресвртница во регенеративната медицина, веќе ова лето би можело третманите да се применуваат кај пациентите

Islam Uddin  | 06.03.2026 - Обновена : 06.03.2026
Јапонија ги одобри првите терапии со ИПС-клетки за срцева слабост и Паркинсонова болест

ИСТАНБУЛ (АА) - Јапонија условно ги одобри првите комерцијални третмани во светот во областа на регенеративната медицина што се развиени од индуцирани плурипотентни матични (ИПС) клетки, а тоа претставува голема пресвртница во напредните медицински истражувања, изјавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.

Одлуката овозможува ограничена употреба на две специфични терапии, имено лекот „рехарт“, развиен од компанијата „Куорипс инк“, наменет за лекување на тешка срцева слабост предизвикана од исхемична кардиомиопатија и лекот „амчепри“, создаден од компаниите „Сумитомо Фармa ко“ и „Рактера инк“, за лекување Паркинсова болест, објави „Кјодо њуз“.

„Се надевам дека овие терапии ќе спасат пациенти не само во Јапонија туку и низ светот“, изјави министерот за здравство, труд и социјална заштита Кеничиро Уено.

Веќе ова лето би можело третманите да се применуваат кај пациентите, иако финалната цена и националното осигурување сè уште се предмет на дискусија. Се очекува „рехарт“ да чини повеќе од 10 милиони јени (околу 63.500 долари), како и висока цена за „амчепри“.

Одобренијата беа доделени под посебна рамка што овозможува рана условна употреба на иновативни лекови штом ќе се потврди нивната безбедност и ќе се покаже потенцијална ефикасност, дури и со ограничени податоци од клиничките испитувања. Развивачите мора да ја докажат ефикасноста на терапиите во рок од седум години за да обезбедат целосно одобрување.

ИПС-клетките може да се трансформираат во речиси секој тип човечка клетка и може да се размножуваат неограничено, што ги прави моќна алатка за регенеративната медицина. Оваа технологија ја воведе јапонскиот научник Шинја Јаманака, кој доби Нобелова награда за своето откритие во полето на физиологијата и медицината во 2012 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.