свет

Шпанскaта радиотелевизија со критики за нападите на Израел врз Газа за време на Евровизија

Додека израелската кандидатка Јувал Рафаел се претставуваше пред настапот, ТВЕ вклучи натписи со кои се доведe во прашање учеството на Израел на натпреварот

Burak Bir, Alyssa Mcmurtry, Muhammet İkbal Arslan  | 16.05.2025 - Обновена : 18.05.2025
Шпанскaта радиотелевизија со критики за нападите на Израел врз Газа за време на Евровизија

ОВИЕДО/БАЗЕЛ (АА) - Шпанската радиотелевизија ТВЕ ги критикуваше нападите на Израел врз Газа за време на емитувањето на Евровизија синоќа, јавува Анадолу.

Додека израелската кандидатка Јувал Рафаел се претставуваше пред настапот, ТВЕ вклучи натписи со кои се доведe во прашање учеството на Израел на натпреварот.

„ТВЕ побара дебата за нејзиното учество“, се вели во еден натпис. „Жртвите на израелските напади надминаа 50.000, меѓу кои над 15.000 деца.“

Потоа шпанската телевизија повика на „правда и почитување на човековите права“.

„Овој фестивал е мировен“, додаде.

Пред да отстапи од сценариото, во натписите се истакнува дека Рафаел го преживеала нападот врз Израел од палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.

Минатиот месец ТВЕ повика на ревидирање на учеството на Израел на настанот, истакнувајќи ја загриженоста на јавноста поради војната во Газа.

Минатата година шпанскиот министер за култура Ернест Уртасун се изјасни против учеството на Израел, велејќи дека милиони „се почувствуваа засрамени“ што Евровизија се користи за „избелување на геноцид“.

Вчера беше повикан шпанскиот амбасадор во Израел откако шпанскиот премиер Педро Санчез го нарече Израел „геноцидна држава“.

- Забранет влез за луѓе со палестински знамиња во евровизиската зона -

Во Санкт Јакобшале, во Базел, Швајцарија, каде што ќе се одржи големото финале на натпреварот за песна на Евровизија 2025, полицајците ги принудија активистите што носеа палестински знамиња да ја напуштат зоната.

Марта, која беше меѓу активистите што носеа палестински знамиња, во разговорот за Анадолу рече дека не ја поддржува одлуката да се дозволи „геноцидна држава“ да учествува на натпреварот.

„Ние сме домаќини на (Евровизија), но нема да го толерирам ова. Не сакам Израел да учествува на Евровизискиот натпревар додека тие масакрираат Палестинци“, рече таа.

Велејќи дека само стоела во зоната со палестинско знаме, Марта рече дека полицајците ѝ кажале дека ако не замине веднаш или не го тргне знамето, ќе ја спречат да влезе во зоната пет дена.

Таа додаде дека полицаецот, исто така, рекол дека нема да бидат дозволени палестински знамиња пред или околу стадионот.

Ото е уште еден активист што мораше да ја напушти зоната само затоа што носеше палестинско знаме.

Тој за Анадолу изјави дека е „страшно злосторство“ да се дозволи пропаганда на земја „што активно врши геноцид, убивајќи над 50.000 луѓе и повредувајќи повеќе од 100.000“.

Бројот на жртви во Газа сега надмина 53.000.

Од 2 март Израел ги држи премините во Газа затворени за храна, медицинска и хуманитарна помош, продлабочувајќи ја и онака тешката хуманитарна криза во енклавата, според владините извештаи, извештаите за човекови права и меѓународните извештаи.

Вчера „Лекари без граници“ соопштија дека „сега не е во функција“ и последниот објект што обезбедувал третман за рак во Појасот Газа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.