свет

Шпанија ќе го зголеми финансирањето на истрагата на ОН за воените злосторства во Газа

- Шпанија ќе донира дополнителни 500.000 евра за поддршка на истрагите на ОН за кршење на човековите права и можни воени злосторства извршени во Газа, објави денес министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес

Beyza Binnur Dönmez  | 05.05.2025 - Обновена : 08.05.2025
Шпанија ќе го зголеми финансирањето на истрагата на ОН за воените злосторства во Газа

ЖЕНЕВА (АА) - Шпанија ќе донира дополнителни 500.000 евра за поддршка на истрагите на ОН за кршење на човековите права и можни воени злосторства извршени во Газа, објави денес министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес, јавува Анадолу.

„Со цел да се стави крај на овие кршења на меѓународното право и со желба да се обезбеди одговорност, објавувам дека ќе ја поддржиме Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во зголемувањето на нејзините истражни напори за кршења на човековите права и воени злосторства што можеби се извршени во Газа“, изјави Албарес пред Комитетот за надворешни работи на Шпанија.

Албарес ја нарече „целосно и апсолутно неприфатлива“ хуманитарната состојба во Газа, наведувајќи дека израелската блокада на хуманитарната помош предизвикала „невиден глад“.

„Итниот влез на храна е неопходен за да се спасат животите на невините Палестинци“, рече тој и додаде:

„Цивилното население во Газа заслужува достоинство и мир, а Шпанија го бара тоа и ќе продолжи да го бара.“

Минатата недела Шпанија учествуваше на усните рочишта во Меѓународниот суд на правдата, каде што повторно ја потенцираше обврската на Израел, како окупаторска сила, да го почитува меѓународното право и да обезбеди основни услови за живот на населението на окупираните палестински територии.

Од 2 март Израел ги затвори граничните премини кон Газа, блокирајќи влез на неопходните резерви и покрај многубројните извештаи за глад и хуманитарна катастрофа.

Минатата недела директорот на владината Медиумска канцеларија во Газа, Исмаил Тавабтех, изјави за Анадолу дека енклавата влегла во „напредна фаза на глад“, а израелските напади продолжуваат.

Од октомври 2023 година досега во Газа загинаа повеќе од 52.500 Палестинци, а поголем број од нив се жени и деца.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.