свет

Шефот на ОН предупреди: Истекот на американско-рускиот нуклеарен договор е „тежок момент“

„Светот сега гледа кон Руската Федерација и САД да ги претворат зборовите во дела“

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 05.02.2026 - Обновена : 05.02.2026
Шефот на ОН предупреди: Истекот на американско-рускиот нуклеарен договор е „тежок момент“

ХАМИЛТОН (АА) – Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, предупреди дека истекот на последниот преостанат договор за контрола на нуклеарното оружје меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Русија претставува „тежок момент за меѓународниот мир и безбедност“, со што завршуваат децении правно-обврзувачки ограничувања на двете најголеми нуклеарни сили во светот, јавува Анадолу.

„Истекот на договорот Нов СТАРТ, на полноќ денес, означува тежок момент за меѓународниот мир и безбедност“, изјави Гутереш во соопштение по повод истекот на договорот на 5 февруари.

Тој нагласи дека „за првпат по повеќе од половина век се соочуваме со свет без какви било обврзувачки ограничувања на стратешките нуклеарни арсенали на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави – двете земји кои поседуваат огромно мнозинство од глобалниот нуклеарен арсенал“.

Според Гутереш, контролата на нуклеарното оружје меѓу двете држави со децении служела како стабилизирачки фактор, помагајќи да се спречи катастрофа и да се намали ризикот од разорни погрешни проценки.

Од преговорите за ограничување на стратешкото оружје (САЛТ) до договорот Нов СТАРТ, билатералните договори, како што истакна, довеле до намалување на илјадници нуклеарни боеви глави и до подобрување на глобалната безбедност.

„Распадот на децениските достигнувања не можеше да дојде во полошо време“, предупреди тој, потенцирајќи дека „ризикот од употреба на нуклеарно оружје е највисок во последните децении“.

Тој исто така укажа дека отсуството на проверливи ограничувања на стратешките арсенали ја зголемува глобалната несигурност, во услови на растечки геополитички тензии и брзи технолошки промени.

Сепак, Гутереш оцени дека овој момент треба да се гледа и како можност за обновување на напорите за контрола на вооружувањето.

„Светот сега гледа кон Руската Федерација и САД да ги претворат зборовите во дела“, изјави тој, повикувајќи ги двете страни без одложување да се вратат на преговарачката маса и да се договорат за нова рамка што ќе „врати проверливи ограничувања, ќе ги намали ризиците и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“.

Договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје (Нов СТАРТ) беше потпишан на 8 април 2010 година во Прага од САД и Русија, а стапи во сила на 5 февруари 2011 година. Тој го замени договорот СТАРТ I од 1991 година, кој истече во декември 2009 година, како и договорот од 2002 година за стратешко офанзивно оружје (СОРТ), кој престана да важи со стапувањето во сила на Нов СТАРТ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.