свет

Хамас го поздрави најновиот предлог на САД за прекин на огнот во Газа

„Добивме одредени идеи од американска страна преку медијатори за постигнување договор за прекин на огнот“

Betül Yılmaz  | 08.09.2025 - Обновена : 09.09.2025
Хамас го поздрави најновиот предлог на САД за прекин на огнот во Газа

ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинската група Хамас соопшти дека добила нов предлог за прекин на огнот од Соединетите Американски Држави (САД) преку медијатори и изрази подготвеност за продолжување на преговорите, пренесува Анадолу.

„Добивме одредени идеи од американска страна преку медијатори за постигнување договор за прекин на огнот“, се вели во соопштението на групата на Телеграм.

Таа го поздрави секој потег што ги поддржува „напорите за запирање на агресијата врз нашиот народ“.

Групата ја потврди својата подготвеност „веднаш да седне на преговарачката маса за да разговара за ослободување на сите затвореници во замена за јасна декларација за завршување на војната и целосно повлекување (на израелските сили) од Појасот Газа“.

Хамас, исто така, се согласи на формирање независен палестински комитет за раководење со административните работи на енклавата и бара Израел да ја обезбеди својата посветеност на она што ќе биде договорено во рамки на договорот, „за да се спречи повторување на минатите искуства каде што беа постигнати договори, но потоа беа отфрлени или поништени“.

Се наведува дека на 18 август е прифатен предлогот на медијаторите Египет и Катар, врз основа на предлогот на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, но „(израелската) окупација досега не одговори, туку продолжи со масакрите и кампањата за етничко чистење“.

„Затоа, движењето Хамас останува во постојан контакт со медијаторите за да ги развие овие идеи во сеопфатен договор што ги задоволува барањата на нашиот народ“, се додава во соопштението.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека претставил предлог за постигнување договор за прекин на огнот и размена на заложниците во Појасот Газа, барајќи целосно одобрение од Израел. Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека сè уште „сериозно го разгледуваат“ предлогот на Трамп.

Хамас постојано ја искажува својата подготвеност да склучи сеопфатен договор со Израел за ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестинските затвореници, да се стави крај на војната во Газа и да се обезбеди целосно повлекување на израелските сили. Но, Нетанјаху ги отфрли тие предлози, инсистирајќи наместо тоа на делумни аранжмани што ќе му овозможат да одложува и да наметнува нови услови во секоја фаза од преговорите.

Израел уби речиси 64.400 Палестинци во бруталната офанзива во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.