Албанија: Мандатот за формирање влада повторно доделен на Еди Рама
Мандатот му беше доделен на Рама за време на церемонија организирана во претседателската палата откако тој прогласи победа на парламентарните избори одржани на 11 мај

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, му го довери мандатот за формирање на новата влада на актуелниот премиер Еди Рама, јавува Анадолу.
Мандатот му беше доделен на Рама за време на церемонија организирана во претседателската палата откако тој прогласи победа на парламентарните избори одржани на 11 мај.
Претседателот Бегај, исто така, најави дека премиерот ќе биде одговорен и за формирањето и функционирањето на виртуелната министерка Диела, создадена со помош на вештачка интелигенција.
Во текот на денот се очекува новите пратеници да положат заклетва и да започнат со работа, како и да бидат избрани новиот претседател на Собранието и неговите заменици. Рама го предложи поранешниот министер за одбрана, Нико Пелеши, за претседател на Собранието.
- ВИ министерка во новата влада -
Во вчерашната изјава премиерот Рама ги објави имињата на министрите во новиот кабинет, меѓу кои и министерка за јавни набавки создадена со вештачка интелигенција – Диела.
Новата влада на Рама ќе ја сочинуваат следниве министри:
„Заменичка-премиер и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, министерка за внатрешни работи Албана Коќиу, министерка за надворешни работи Елиса Спиропали, министер за финансии Петрит Малај, министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, министерка за образование Мирела Кумбаро, министер за правда Бесфорт Ламалари, министер за одбрана Пиро Венгу, министерка за здравство и социјална благосостојба Евис Сала, министер за култура, туризам и спорт Бленди Гонџа, министер за животна средина Софјан Јупај, министер за земјоделство и рурален развој Андис Сала, министерка за јавна администрација и борба против корупцијата Адеа Пирдени, министер за локална самоуправа Ервин Демо, министер за односи со Парламентот, Тони Гогу, главна преговарачка со Европската Унија и министерка без ресор Мајлинда Дуко.
Се очекува новата влада да биде изгласана и официјално да започне со работа наредните денови.
На изборите од 11 мај Рама обезбеди 83 пратенички места од вкупно 140 и прогласи победа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.