Финска се придружи на декларацијата на Франција за унапредување на решението со две држави за Палестина
Финска се придружи на декларацијата на Франција за решение со две држави. Заедно со нашите меѓународни партнери праќаме јасна и силна порака: мирот на Блискиот Исток е од суштинско значење за ставање крај на човечкото страдање, изјави Елина Валтонен

ИСТАНБУЛ (АА) – Финска денес соопшти дека ја поддржува декларацијата на Франција за унапредување на решението со две држави во израелско-палестинскиот конфликт, со што прати силна порака за поддршка на мировните напори на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
„Финска се придружи на декларацијата на Франција за решение со две држави. Заедно со нашите меѓународни партнери праќаме јасна и силна порака: мирот на Блискиот Исток е од суштинско значење за ставање крај на човечкото страдање“, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен на Х.
Валтонен нагласи дека мирот не е само неопходен туку и можен, иако е потребен значителен напор.
„Синоќа беа преземени неколку чекори во вистинска насока“, додаде таа, осврнувајќи се на напредокот постигнат за време на состаноците на тековната Конференција на ОН за Палестина во Њујорк.
Заедничката декларација ги обврзува потписниците да промовираат решение со две држави, повикува на итен прекин на огнот, ослободување на заложниците и непречено доставување хуманитарна помош во Газа.
Исто така, се нагласува важноста на посветеноста на палестинската самоуправа кон демилитаризација и разоружување на Хамас.
„Решението со две држави не се однесува само на иднината на Палестина туку и на безбедноста на Израел“, рече Валтонен.
Таа ги повика земјите што сè уште не го сториле тоа да ги нормализираат односите со Израел и да ја поддржат неговата интеграција во регионалните безбедносни рамки.
„Се обврзуваме на планирање за иднината и реконструкцијата на Газа, разоружување на Хамас и отстранување на Хамас од политичката иднина на Палестина“, истакна таа.
Исто така, таа потсети на арапските земји, меѓу кои Катар, Саудиска Арабија и Египет, кои јавно изразија поддршка за разоружувањето и отстранувањето на Хамас од Газа.
Валтонен рече дека признавањето на државата Палестина е чекор кон реализацијата на решението со две држави, но нагласи дека Финска ќе го стори тоа кога ќе се оцени дека најдобро ќе им користи на регионалната стабилност и безбедност.
„Мора да ги задоволи безбедносните потреби и на Израелците и на Палестинците и да ги поддржи аспирациите на Палестина за државност и самоопределување“, рече таа.
„Ние постојано ги проценуваме условите за признавање“, додаде таа.