свет

Украина: Четири лица загинаа, 16 се повредени во ноќните руски напади

„Важно е Европа да биде способна да го произведе потребниот број ракети за воздушна одбрана за да се заштити од какви било закани“

Burç Eruygur  | 24.03.2026 - Обновена : 24.03.2026
Украина: Четири лица загинаа, 16 се повредени во ноќните руски напади

ИСТАНБУЛ (АА) – Украина денес соопшти дека најмалку четворица луѓе загинале, а 16 други се повредени во руските напади во текот на ноќта, чија цел беа повеќе региони во земјата, пренесува Анадолу.

Државната служба за вонредни состојби (ДСНС) преку Телеграм информираше дека две лица загинале, а седум се повредени во нападите во регионот Полтава. Како што се наведува, оштетени се станбени згради, хотел и индустриски објекти.

„Избувнаа пожари кои беа изгаснати од страна на пожарникарите“, се вели во соопштението, при што се додава дека спасувачките екипи се на терен и работат на отстранување на урнатините.

Едно лице загина, а девет се повредени во градот Запорожје, каде што нападите предизвикале пожар во висококатница и оштетувања на околните објекти. Уште една жртва е регистрирана во јужниот регион Херсон, каде што во нападите била уништена приватна станбена куќа.

Одделно, украинските воздухопловни сили преку Телеграм соопштија дека воздушната одбрана на земјата успеала да собори 365 од вкупно 392 беспилотни летала, како и 25 од 34 ракети лансирани од Русија во текот на ноќта.

„Овие бројки јасно покажуваат дека е потребна поголема заштита за да се спасат животи од руските напади. Важно е да се продолжи со поддршката на Украина. Важно е сите договори за воздушна одбрана да се спроведат навреме“.

„И важно е Европа да биде способна да го произведе потребниот број ракети за воздушна одбрана за да се заштити од какви било закани“, нагласи Зеленски.

Овие напади се случија откако Зеленски, во своето обраќање синоќа, повикувајќи се на разузнавачки податоци, предупреди дека Русија можеби подготвува голем напад врз Украина.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.