Индонезискиот претседател Прабово: Индонезија не прифаќа странски воени бази
„Нашите странски партнери одамна го знаат нашиот став. Не сакаме да се вклучиме во какви било воени сојузи. Не може да прифатиме странски воени бази. Така е уште од времето на Сукарно“
ИСТАНБУЛ (АА) – Индонезија не може да прифати странски воени бази, изјави претседателот Прабово Субијанто, нагласувајќи дека најголемата муслиманска земја во светот ќе остане доследна на својата „неврзана“ надворешна политика, јавува Анадолу.
„Нашите странски партнери одамна го знаат нашиот став. Не сакаме да се вклучиме во какви било воени сојузи. Не може да прифатиме странски воени бази. Така е уште од времето на Сукарно“, изјави Прабово пред група новинари и експерти, пренесуваат локалните медиуми.
Сукарно, лидер на индонезиската независност, беше прв претседател на земјата од 1945 до 1967 година.
Прабово, поранешен генерал и министер за одбрана, истакна дека најголемата економија во Југоисточна Азија останува отворена за „мирни посети и пловидба за сите“, вклучително и за технички застанувања и полнење гориво на САД, Кина и Русија.
Тој нагласи дека Индонезија ќе ги задржи „принципите на неврзаност и неприпаѓање кон блокови“.
„Нема да се вклучиме во никакви војни“, рече Прабово во контекст на тековниот конфликт на Блискиот Исток што започна на 28 февруари.
Претседателот не ја исклучи можноста Индонезија да има улога на посредник.
„Ако сме добри со сите, може да бидеме корисни. Ако Иран нè прифати, иако не сум сигурен до кој степен и ако земјите од Персискиот Залив сè уште ни веруваат, тоа е добро. Можеби може да бидеме посредник, иако не знам колку тоа би било ефективно“, додаде тој.
Џакарта веќе повика на прекин на вооружениот конфликт и понуди посредништво, при што беше најавено дека Прабово би можел да отпатува во Техеран за таа цел.
Тензиите во регионот ескалираа по заедничките напади на САД и Израел врз Иран, кои започнаа на 28 февруари. Според достапните информации, во нападите загинале повеќе од 1.300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета врз инфраструктурата, како и нарушувања на глобалните пазари и воздушниот сообраќај.
Во меѓувреме, Техеран воспостави контрола врз Ормускиот Теснец, клучен воден пат за транспорт на енергенти и други стоки кон Азија.
Дополнително, Индонезија ги суспендираше плановите за распоредување војници во Појасот Газа во рамките на Меѓународните сили за стабилизација предводени од САД, откако првично најави учество со околу 8.000 војници.
