Украина објави дека ја изгубила контролата над нуклеарната централа во Чернобил
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно објави дека „руските окупациски сили“ се обидуваат да ја заземат нуклеарната централа во Чернобил
КИЕВ (АА) - Заменик-шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Михаил Подолјак, изјави дека ја изгубиле контролата над нуклеарната централа во Чернобил во борбите против руските сили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Подолјак за новинската агенција Униан рече дека ја изгубиле контролата над Чернобил по тешки борби.
Напоменувајќи дека по рускиот напад станало невозможно да се каже дека централата е безбедна, Подолјак рече дека тоа е една од најголемите закани за Европа.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно објави дека „руските окупациски сили“ се обидуваат да ја заземат нуклеарната централа во Чернобил.
По настаните на плоштадот Мајдан во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович избега од државата. Русија тогаш нелегитимно го анектираше Крим. Сепаратистите прогласија таканаречена управа во областите Доњецк и Луганск, каде што живее мнозинско население со руско потекло. Потоа избија крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и украинската војска.
Договорите во Минск се потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Меѓутоа, кршењето на примирјето продолжи. До февруари, во судирите загинаа околу 14.000 лица.
Русија го привлече вниманието на јавноста со тоа што кон крајот на 2021 година почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Соединетите Американски Држави тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва тоа упорно го негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика украинската војска да го положи оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „заштита на луѓето кои беа изложени на геноцид од страна на Киев и чистење на Украина од нацизмот и милитаризмот“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.