свет

Трамп потпиша Закон за национална одбрана од 901 милијарда долари

Според Трамп, одредени делови од законот ќе се толкуваат на начин што нема да ја попречат способноста на претседателот да спроведува воени мисии, да управува со организациските структури поврзани со нуклеарната безбедност...

Diyar Güldoğan  | 19.12.2025 - Обновена : 19.12.2025
Трамп потпиша Закон за национална одбрана од 901 милијарда долари

ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го потпиша Законот за овластување за национална одбрана (НДАА) – мерка вредна 901 милијарда долари, со која се утврдуваат политиките и трошоците на Пентагон за 2026 година, јавува Анадолу.

Во обемната изјава по потпишувањето, објавена од Белата куќа, Трамп наведе дека законот ќе ја унапреди неговата агенда „Мир преку сила“, ќе ја зајакне домашната безбедност и ќе ја зацврсти одбранбената индустриска база, а ќе се елиминираат, како што рече, „расипничките и радикалните програми“ што го поткопуваат борбениот етос на војската.

Законот одобрува средства за 8 милијарди долари повеќе од износот што го побара администрацијата на Трамп.

Меѓу клучните одредби во документот, кој има 3.086 страници, вклучени се 800 милиони долари за Украина – по 400 милиони долари за секоја од следните две години – во рамките на Иницијативата за безбедносна помош за Украина, како и укинување на санкциите „Цезар“ за Сирија, воведени за време на поранешниот режим на Башар ал-Асад.

Во законот се предвидени и 600 милиони долари за Израел, вклучително и средства за заеднички проекти за ракетна одбрана, како што е системот „Железна купола“.

Дополнително, документот има цел спротивставување на заканите од Кина и обезбедување успех на мисиите во Индо-Пацификот, а вклучува и буџет од една милијарда долари за Иницијативата за безбедносна соработка со Тајван.

Со НДАА Министерството за одбрана добива овластување да собира средства од сојузниците во НАТО за покривање на трошоците за американското воено присуство во Источна Европа. Исто така, се бара командантот на Американската европска команда (EUCOM) да спроведува годишна процена за тоа како САД и НАТО одржуваат компаративна воена предност во однос на Русија.

Во законот се наложува Пентагон да го процени влијанието врз безбедноста на САД пред евентуално намалување на воените сили во Европа под 76.000 војници.

Иако изрази поддршка за основните цели на законот, Трамп наведе дека повеќе одредби предизвикуваат уставна загриженост. Тој се спротивстави на деловите за кои рече дека се обидуваат да ги диктираат позициите на САД во надворешната и воената политика, бараат обелоденување на доверливи или чувствителни информации за националната безбедност до Конгресот или го ограничуваат претседателското овластување во врска со распоредувањето трупи, воени ресурси и управување со извршната власт.

Трамп истакна дека неговата администрација ќе ги спроведува одредбите „во согласност со уставните овластувања на претседателот“ како врховен командант и шеф на извршната власт, вклучително и надлежностите во областа на надворешните работи, националната безбедност, кадровските одлуки и препораките до Конгресот.

Според него, одредени делови од законот ќе се толкуваат на начин што нема да ја попречат способноста на претседателот да спроведува воени мисии, да управува со организациските структури поврзани со нуклеарната безбедност, да контролира класифицирани информации или да ја утврдува динамиката и изводливоста на известувањето на Конгресот за воени и дипломатски активности.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın