Трамп побара од Си-ен-ен да ја отпушти новинарката која известуваше за американските напади во Иран
„Наташа Бертран треба да биде ОТПУШТЕНА од Си-ен-ен! Ја гледав три дена како објавува лажни вести. Треба ВЕДНАШ да биде укорена, а потоа исфрлена „како куче“

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес побара од Си-ен-ен (CNN) да ја отпушти дописничката Наташа Бертран поради известувањето за нуклеарната штета во Иран, пренесува Анадолу.
„Наташа Бертран треба да биде ОТПУШТЕНА од Си-ен-ен! Ја гледав три дена како објавува лажни вести. Треба ВЕДНАШ да биде укорена, а потоа исфрлена „како куче“, напиша Трамп на „Truth Social“.
Во известувањето се наведува дека американските разузнавачки служби заклучиле дека воздушните напади врз три ирански нуклеарни објекти за време на викендот не ја уништиле основната структура на нуклеарната програма на Иран, веројатно враќајќи ја само неколку месеци назад.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, потврди за Ал Џезира дека објектите биле „сериозно оштетени“ во американските напади.
Трамп рече дека Бертран „се обидува да ги уништи нашите пилоти патриоти со тоа што ги прави да изгледаат лошо“.
„Не треба да ѝ биде дозволено да работи во Си-ен-ен, кој објавува лажни вести. Луѓе како неа го уништија угледот на некогаш одличната мрежа. Нејзиниот став беше толку очигледно негативен, покрај тоа, таа го нема она што е потребно за да биде репортер пред камера, дури ни одблиску. ОТПУШТЕТЕ ЈА НАТАША!“, порача тој.
Трамп, на маргините на самитот на НАТО во Хаг претходно денес, го повтори своето тврдење дека нуклеарните постројки на Иран во Фордо, Натанц и Исфахан се „тотално уништени“ во нападите.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, рече дека ФБИ започнало истрага за тоа како прелиминарната разузнавачка проценка за американските воени напади во Иран станала јавно достапна.
„Во моментов спроведуваме истрага за протекување информации со ФБИ, бидејќи овие информации се за интерни цели“, изјави Хегсет за новинарите во Хаг.
„Ако сакате да направите проценка за тоа што се случи во Фордо, подобро земете голема лопата и навлезете навистина длабоко бидејќи нуклеарната програма на Иран е уништена“, рече тој на прес-конференцијата на Трамп по самитот.
Си-ен-ен застана во одбрана на Бертран по објавата на Трамп на социјалните мрежи.
„Ние стоиме 100% зад новинарството на Наташа Бертран и особено зад нејзиното и известувањето на нејзините колеги за раната разузнавачка проценка од американскиот напад врз нуклеарните постројки на Иран“, се вели во соопштението на Си-ен-ен.