Балкан

Средба на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Северна Македонија и на Турција

- Во Скопје допатува делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија, на Големото турско национално собрание, која се сретна со пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка

Oktaj Omeragikj  | 24.06.2025 - Обновена : 24.06.2025
Средба на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Северна Македонија и на Турција

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје допатува делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија, на Големото турско национално собрание, која се сретна со пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка, известува Анадолу.

Во оваа возвратна посета на земјава, турската делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија ја предводеше нејзиниот претседател Ахмет Килич.

На средбата беше оценето дека оваа посета е уште една можност за интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете земји, кои традиционално негуваат исклучителни пријателски односи.

Претседателот на парламентарната група на Собранието на РСМ за соработка со Парламентот на Република Туркије, Бејџан Иљас, истакна дека односите меѓу двете земји се на највисоко можно ниво во повеќе области.

Тој посочи дека економската соработка меѓу Северна Македонија и Туркије е мошне задоволителна, со интенција да премине на уште повисоко ниво, како што е и соработката на ниво на парламенти.

Килич, претседателот на турската парламентарна група за пријателство Турција – Северна Македонија, нагласи дека турската заедница во Северна Македонија претставува значаен мост во билатералната соработка и истакна:

„Очекуваме нашите сонародници во Северна Македонија, особено оние кои имаат значајни улоги во општеството, да дадат свој особен придонес за земјата во која живеат.“

На средбата, пратениците од Северна Македонија и од Турција разменија мислења и за регионалната стабилност, за соработката во рамките на НАТО, како и за можностите за интензивирање на соработката во многу други области, како здравството, образованието или туризмот.

На средбата соговорниците заклучија дека двете земји споделуваат историски врски и заеднички културни и цивилизациски вредности и дека во тешките моменти секогаш си подавале рака за помош и поддршка.

Делегацијата од Турција за време на посетата се сретна и со Муса Џафери, претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија на Северна Македонија, и членовите на оваа комисија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.